Атанасоски за СП: „Крвавото Коледе“ е еклатантен пример на „забранета историја“ кај нас

Благојче Атанасоски

Според политикологот и историчар Благојче Атанасоски, Македонија и Бугарија треба искрено да работат и да се расветлат некои историски настани, со цел да се гради пријателство во иднина.

– Ноторен факт е дека нашата историографија после 1945 година ги бираше фактите, историските настани и дела, како нам ни одговараше за изградба на новата, млада македонска политичка нација и многу историски настани и личности биле маргинализирани или пак врз нив се нема фрлено објективната историска светлина. Примерот со „Крвавото Коледе“ е еклатантен пример на „забранета историја“ кај нас, односно историски настан кој многу малку или воопшто не се третира, а има многу замрсени тези. Една од тие тези е дека се убиени 20.000-30.000 етнички македонски Бугари, како што го третираат ова прашање. Вистината е дека е ликвидирана македонската интелигенција, како Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов, Спиро Китанчев, кои во периодот на бугарската окупација 1941-1944 (администрација) кај нас, биле и заземале високи раководни позиции, бидејќи реално себеси се сметале за етнички македонски Бугари. Зошто тоа нашите експонирани историчари воопшто го кријат и не и го објаснуваат на нашата јавност, за малку да бидат појасни работите и да видиме од каде доаѓа и потекнува таа бугарска наглост и агресија во која тие нѐ обвинуваат дека ги лажираме, извртуваме и фалсификуваме историските факти и настани – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Тој додава дека од друга страна, Бугарија од нејзиното создавање води и губи војни за територијата на Македонија.

– Бугарското општество, политичките елити, медиуми и целата бугарска конјуктура влече невидени историски фрустрации и национални комплекси кон македонското прашање кое е романтизиран, но трагичен и траорен дел од нивниот современ национален историски мит и бит. Тие се опседнати со темата за Македонија, но и навредени што ние чувствуваме антагонизам кон нив, а имаме положителни мисли кон Србите, кои пак за нив се најголеми историски душмани. Тоа се гледа и во изјавите на Захариева, Каракачанов, Џамбаски и Ковачев, како јастреби на најжестоката бугарска политика кон нас – вели Атанасовски.

Според него, излезот може да се бара во децениско градење на довербата.

– Потребен е искрен пристап од двете страни, без провокаторски и омаловажувачки ставови од нивна страна кон нас, со кои ќе дозираат постојано вжештување и иритирање на македонскиот народ – вели Атанасоски.

Деновиве шефовите на дипломатиите на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева нагласија дека Македонија и Бугарија треба да ги оладат емоциите за да се врати довербата и да се промени перцепцијата на проблемот. Скопје и Софија се согласни дека со смирени чувства после парламентарните избори во Бугарија ќе има услови за политички исчекор, но засега не е јасно во која насока, судејќи според последната изјава на Османи дека „Бугарија не го спори македонскиот идентитет, туку историските основи за тој идентитет“, како и потенцирањето на Захариева дека тие не отстапуваат од Рамковната позиција што едногласно е усвоена во бугарскиот парламент и според која, меѓудругото, Македонците се вештачка творба создадена од Тито, практично, прелажани Бугари. Бугарија постојано ја обвинува Македонија дека ја лажира историјата и одбива да се соочи со сопственото искривување на минатото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот