Атанасоски: Бугарија може да оствари влијание во Македонија само ако се откаже од својот наратив „Македонија е бугарска“, Македонците се Бугари“

„Меката моќ“, која сака да ја наметне Бугарија кај нас, нема да ја смени толку драстично нашата перцепција за Бугарија, бидејќи нашата исклучително лоша перцепција кон нив е градена во последните 75 години – вели политикологот Благојче Атанасоски за „Слободен печат“.

– Убеден сум, дека генерално, нема тоа да создаде еден вид „културолошка и економска окупација“ од Бугарија, бидејќи нашиот сентимент кон нив и мемориски код особено во однос на историјата, но и денешните испреплетени односи на непризнавање на нашиот идентитет/јазик создава кај нас перманентно чувство на антагонизам. Единствено, на тој начин, доколку Бугарите „влезат“, може само да ја омекнат нашата нетрпеливост кон нив, но да го променат нашето генерално мислење кон нив, не верувам, барем не, се додека не го сменат нивниот наратив „дека Македонија е бугарска, Македонците се одродени Бугари, а нашиот македонски јазик е само регионална југозападна норма на официјалниот бугарски“ – вели Атанасовски.

Тој потсетува дека во ситуација кога со Грција имавме уште потежок проблем, околу нашето уставно име, грчките компании и бизнисмени купуваа македонски стопански гиганти, банки и фирми, што значи нашата држава воопшто не била непријателска кон грчкиот капитал, односно не била таа која поставувала препреки.

– Доколку денеска бугарските економски гиганти, сакаат да влезат на македонскиот пазар, јас сум апсолутно убеден дека нашите врати се отворени, и бугарските свежи пари и инвестиции се добредојдени. Се поставува прашањето, дали бугарските компании и бизнисмени, сакале да добијат големи поволности од македонските официјални власти, за да пенетрираат на пазарот кај нас, па поради недобивањето на тие попусти, тие се откажувале од влез кај нас, па тоа потоа го прикажуваат како наше одбивање поради политички причини – вели Атанасовски.

Според него, не се поставени пречки ниту во инвестирање во медимите, доколку се почитуваат домашните закони.

– Во однос на медиумите, колку и банален да звучи примерот музичката телевизија „Планета Пајнер“, уште во раните 2000-ти беше присутна кај нас, и функционираше тоа без никаков проблем. Има кабловски оператори во градови на истокот од земјава (дури и во Струмица, кои имаат бугарски канали, дури и БНТ-националната бугарска телевизија), што значи, доколку има заинтересираност од бугарски медиумски сопственици да отворат свои телевизии тука, верувам дека нема да има никаков проблем. Истото станува збор и за отворање на универзитети. Но за тоа треба инвестирање на сериозни пари и почитување, а не заобиколување на македонските закони и институции – вели Атанасовски.

Сашо Клековски за „Слободен печат“: Бугарија може слободно да инвестира кај нас, ама не во пропаганда и валкана технологија!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот