АСУЦ „Боро Петрушевски од денеска има нова современа спортска сала

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на отвoрањето на новата спортска сала во СУГС „Боро Петрушевски“ каде што се обрати пред присутните гости.

– АСУЦ „Боро Петрушевски“ од денеска е побогат за нова современа спортска сала која конечно, после 14 години од почетокот на нејзината градба, е завршена и ставена во употреба на задоволство на учениците и наставниот кадар од ова средно училиште. АСУЦ беше едно од ретките средни училишта кои досега немаа сопствена спортска сала, а сега има со вкупна површина од 1423 квадратни метри – рече Шилегов.

Објектот е опремен со голема спортска сала, пинг-понг сала, мала сала за гимнастика, сала за пилатес и фитнес, простор за реквизити и гардероби, коишто овозможуваат одвивање на квалитетна настава по спорт и спортски активности.

– Во оваа пригода сакам да упатам искрена благодарност и до моите претходници, како и до Министерството за образование и наука за целокупната поддршка во изградбата на оваа сала. Во таа насока, сакам да упатам и еден апел да продолжиме понатаму да соработуваме со зголемен интензитет со цел средношколците во Скопје освен нови сали да добијат можност да учат и во нови училишта кои се повеќе од потребни, имајќи предвид дека Скопје е град кој мошне брзо расте и се развива. Со ова уште еднаш покажавме дека доколку кон работите пристапуваме чесно, одговорно и со искрена волја за подобрување на условите на нашите ученици, не постојат препреки кои се несовладливи – рече Шилегов.

Градот Скопје во доменот на средното образование, во рамките на надлежностите, во текот на минатата година направи многу. Интензивно се реконструираа сите средни училишта на градот, се поставија 572 прочистувачи за воздух во секоја училница, а се обезбедија и стипендии за над 100 средношколци спортисти. Бесплатниот јавен градски превоз кој им беше овозможен на дел од средношколците, од минатата година стана бесплатно достапен за сите средношколци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот