„Астра-Зенека“ за ревакцина ќе има само за лицата над 60 години и тоа во јуни

Граѓаните што се постари од 60 години, а примија прва доза од вакцината на производителот „Астра-Зенека“, ќе добијат ревакцина во Македонија, потврдуваат од Министерството за здравство за „Слободен печат“. Ревакцинацијата ќе започне во јуни, со оглед на тоа втората доза може да се прими на растојание од 12 недели по првата.

Ревакцинацијата за повозрасните од 60 години ќе се одвива со дози што треба да пристигнат во земјава и тоа преку КОВАКС механизмот. Граѓаните помлади од 60 години пак, кои во Србија се вакцинираа со „Астра-Зенека“, ќе треба таму и да се ревакцинираат, затоа што во земјава таа можност нема да им биде дадена. Ваквата одлука на здравствените власти е поради претпазливост, откако се појавија ретки случаи на тромбоза кај помлади жени. Некои земји продолжија да ја администрираат вакцината за целата популација независно од возраста, но Македонија одлучи да не го следи нивниот пример.

Интересот за вакцинација во Македонија секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица што изразиле желба да примат вакцина преку веб платформата вакцинација.мк се искачи на 303.574 граѓани. На сите пунктови низ државата, процесот на имунизација се одвива непречено. Прва доза завчера примиле 13.076 граѓани, а вкупниот број вакцинирани истиот ден е 14.033. Според последните статистики, повеќе од 35 проценти од населението повозрасно од 70 години има примено барем една доза вакцина. Вакцинацијата се спроведува според Националниот план за имунизација, информираат од Министерството за здравство. Се вакцинираат најпрво возрасни лица и граѓаните што изразиле интерес на веб-страницата, како и лица вработени во критичната инфраструктура. До крајот на неделава министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе биде готов списокот на лица што се на дијализа и кои имале трансплантација на орган, за приоритетно и итно да бидат вакцинирани. Другите хронични болести, како хипертензија и дијабетес, нема да бидат услов за приоритетна вакцинација, туку граѓаните ќе мора да почекаат да дојде нивниот ред според возраста.

Според најавите, сите пријавени на страницата треба да добијат термин до 15 мај. Граѓаните уште се жалат дека од системот „Мој термин“ добиваат порака со термин на вакцинален пункт кој е далеку од местото каде што живеат. За нив препораката е да отидат на најблискиот вакцинален пункт, да ја покажат СМС-пораката и да се имунизираат. Министерството за здравство уверува дека вакви пораки пристигнуваат зашто граѓаните самите оставиле грешни податоци во системот, но дека нема да бидат одбиени на најблискиот вакцинален пункт и не мора со часови да патуваат. Масовната вакцинација се одвива во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и во Охрид.

Експертите предвидуваат дека до крајот на летото, ако дневно се аплицираат барем 10 илјади вакцини, ќе може да се постигне колективен имунитет, кој нема да биде нарушен дури и доколку во земјава пристигнат индиската или бразилската мутација на коронавирусот, кои се сметаат за посериозни. За да се постигне колективен имунитет, според директорот на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски, потребно е да се вакцинираат половина од граѓаните што не прележале ковид-19. Според претпоставките со кои се среќава тој, во моментот барем половина од општата популација во земјава има остварено имунитет, најголем дел поради прележување на болеста.

Колективниот имунитет всушност ќе значи дека вирусот повеќе нема да може да се пренесува од човек на човек.

Министерството за здравство апелира граѓаните да не стравуваат дека некои производители создале побезбедни вакцини од други производители, бидејќи буквално сите вакцини штитат од тешка форма на ковид-19 и од смрт. До 15 мај се очекуваат уште стотина илјади дози од кинескиот производител „Синофарм“, а до крајот на мај, уште половина милион вакцини од „Синовак“.

Во некои градови од внатрешноста, веќе им е посочено на компаниите да направат списоци на заинтересирани за вакцинација и да ги достават до здравствените домови за да им биде даден термин. Уште трае вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура, како образованието, здравството, АРМ, полицијата, новинарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот