Астерикс и Обеликс на продолжен викенд во Банско

Фото: Слободен печат

Требаше да ми биде јасно уште на граничниот премин Деве Баир, каде се чекаше и до два часа за влез во Бугарија, дека продолжениот викенд ќе биде со „додатна вредост“.

Сигурно дека кога ја паркирав колата пред еден од хотелите во пошироката зона на Банско, требаше да бидам сигурен за тоа дека покрај во воздухот, бањата и хотелската услуга ќе „уживам“ и во нешто друго, бидејќи сите останати коли беа со македонски регистарски таблички. Ма требаше да знам уште кога уплатив за продолжениот викенд во Банско, во хотел, каде услугата е ол инклузив.

„Шведска маса“ и „отворен бар“ за нас Македонците очигледно значи јадење и пиење до бесвест. Луѓето буквално ја разграбуваат храната, пред келнерите и да успеаат да ја постават на масата. Во една иста чинија ќе видите сирење, кашкавал, ќофтиња, шпагети, свински ребра, ориз помешан со модар патлиџан, печурки, помфрит, рестован компир, пире, кечап и мајонез. Една бабичка ја прашав за време на доручекот дали навистина може да изеде шест пржени јајца, а таа грубо ми одговори дека си платила, па може да јаде колку сака. Немав срце да и кажам дека и алергијата што може да ја добие од јајцата ќе ѝ биде вклучена во цената. Друг господин, пак, на детенцето му стави 40 крофнички во чинијата. Нека јаде детето за да порасне.

Посебна приказна е „отворениот бар“. Пред шанкот каде се точат пиво и алкохолни пијалаци, постојано имаше „стационирано“ барем 50 луѓе. Викотници, кавги, влегување прегу ред, пцовки и по некоја закана. Имав чувство дека едни те исти луѓе стојат три дена во место и од нога пијат, за да не изгубат ниту минута од ол инклузивот. Интересно беше да се види како и луѓето прво влегуваат во финска сауна, па од таму веднаш и во руска бања. Штетно е за здравјето без пауза да се биде изложен на висока температура и пареа подолго време, но луѓето платиле за тоа и тоа е единствениот аргумент што треба да се земе во предвид. Нема одмор ниту навечер. Барот е затворен, но акумулирано пиење има за цела вечер, па се пие, пие и пее на цел глас. Се разбира патриотски песни и турбо фолк.

Како цело село на Астерикс, со сè Обeликс и Геријатрикс да дошле во хотелот, па прво рибарот и ковачот се степуваат за едно парче пица, па потоа и цело село се тепа за остатокот од пиците. На крајот се мират, па собрани заедно го прославуваат мирот со јадење, пиење и песна.

Слушам Франција остана единствената европска земја што ја опструира иднината на Македонија во Европската Унија. Тоа е, премногу ја потсетуваме Франција на нејзиното галско минато, пред цивилизацијата од галските петли да создаде примерни и одмерени луѓе, кои мезат едно сиренце со чашка вино. Астерикс и Обеликс кај нас ги има на секој чекор. Во администрација, во медиуми, на продолжен викенд во Банско.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот