„Астерфест“ ги објави добитниците на наградите

Под мотото „Светлините на астерот“, од 5 до 9 август во Струмица се одржува 17-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Официјалното жири во состав: Владимир Перовиќ, Мими Ѓоргоска-Илиевска, Мимоза Рајл и Столе Ангелов на 7 август ја донесе одлуката и ги образложи наградите за кратките филмови во компетитивната програма.

Наградата „Златна потковица“ ја доби филмот „Сведок“ на Али Азгари (Иран / Франција) со образложение: „Во реалноста, пред нашите очи се случуваат настани и се менуваат сликите на животот во еден навидум обичен ден. Таквите настани трајно можат да го изобличат нашиот живот, и да бидат ужасен товар што ќе не следи сè до судниот ден.“

„Сребрена потковица“ доби „Божилак“ на Александар Вујовиќ (Црна Гора / Италија / Албанија) затоа што филмот носи „одблесоци на сеќавањата и една суптилно и чудесно раскажана приказна за тоа како детството е доминантно во трасирањето и отворањето на волшебните светови на уметникот“.

„Убедлива, трогателна, иако на прв поглед чудна, приказна за верноста и вечната љубов“ е филмот „Во мојот ум“ на Мартин Стренџ-Хансен (Данска), кој ја доби наградата „Бронзена потковица“.

Наградата за најдобар автор „Ацо Алексов“ ја доби „Вујко ми Тудор“ на Олга Луковницова (Молдавија / Португалија / Унгарија / Белгија) со образложение: „Знаејќи дека најтешкото во документарниот филм е поставувањето на најдлабоките човекови прашања и највнатрешните негови трауми, храбрата авторка тоа го прави фасцинантно со еден извонреден филмски јазик.“

Награда за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ доби „Џелатот дома“ на Мајкл и Ури Кранот (Франција / Данска / Канада), филм за „залудноста и празнотијата на животот – од реалноста до песна, од песна до сценарио, беше тоа една деликатна задача за овој брачен режисерски пар“.

Специјална диплома од жирито доби „Раселени“ на Самир Карахода (Косово), бидејќи носи „длабокоумна авторска порака за траумите на луѓето во невозможноста да го изразат сопствениот потенцијал во својот дом“.

Фестивалот продолжи со проекција на филмот „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак на 8 август, во чест на лауреатот на наградата за животно дело Желимир Жилник. На 9 август фестивалот ќе биде затворен со специјалната премиерна проекција на македонскиот документарен филм „Трн“ на авторите Никола Пијанманов и Столе Ангелов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот