„Аста ла виста, бејби!“: Џонсон во „негов стил“ се прости од Парламентот

Борис Џонсон/ Фото Andy Bailey / AFP / Profimedia

Британските пратеници го испратија Џонсон, трката за негов наследник се вжештува

Британскиот премиер во заминување, Борис Џонсон вчера за последен пат се обрати пред парламентот како лидер на земјата. Испратен со аплауз од пратениците, Џонсон во „негов стил“ својот говор го заврши со познатата изрека од филмот „Терминатор 2“ на Арнолд Шварценегер, „Аста ла виста, бејби“.

Џонсон претходно овој месец беше принуден да ја поднесе својата оставка, откако притисокот врз него поради серијата скандали го достигна својот врв.

Говорејќи на својот последен настап на „Прашања до премиерот“, средба која секоја недела се одржува во парламентот, каде речиси секој пат ситуацијата ескалира и се води жестока дебата за работата на власта, Џонсон во кратки црти ги раскажа работите кои неговата Влада ги заврши за време на мандатот.

„Ние помогнавме, јас помогнав, оваа земја да се справи со пандемијата и ја спасивме Британија од варварството. Искрено, мислам дека ова е доволно за крај. Мисијата во главно е успешна“ изјави Џонсон.

Говорот тој го заврши со: „Сакам да им се заблагодарам на сите присутни и аста ла виста, бејби!“.

Иронијата на британските пратеници

Многумина од оние кои вчера му аплаудираа на Џонсон во парламентот, се токму истите кои всушност го принудија да поднесе оставка.

Истите тие пратеници, пред две недели го критикуваа неговото владеење и бараа негова оставка. Некои од неговите најблиски луѓе во кабинетот поднесоа оставки, а дел од нив сега се во трка за да седнат во неговата фотелја.

Но, не уживале баш сите пратеници во последниот говор на Џонсон.

Како што пишува „Ројтерс“, претходникот на Борис, Тереза Меј била меѓу оние кои не аплаудиралe.

Пратениците од опозицијата исто така не изразиле поддршка за британскиот премиер во заминување. За време на дебатата тие во неколку наврати го критикуваа Џонсон за неговите политики за време на владеењето.

Опозицискиот лидер, Кир Стармер, кој вели дека „едвај ги чека изборите во 2024 година“, синоќа воопшто не се срамеше да ги нареди сите неуспеси на Владата на Џонсон.

„Тој одлучи да излезе од неговиот златен бункер за последен пат за да ни каже дека сè е под контрола. Ќе ми недостасува неговата заблуда.“ вели Стармер.

Кир Стармер/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Тесна трка за наследник на Џонсон

Конзервативците се подготвени за тесна трка меѓу поранешниот министер за финансии во Владата на Џонсон, Риши Сунак и министерката за надворешни работи Лиз Трас, кои веќе влегоа во шест-неделната битка за следен британски премиер, пишува „Гардијан“.

Според „Политико“ најверојатно еден од овие два кандидати ќе биде следен британски премиер.

Третиот учесник во трката, Пени Мордонт, според анкетите е зад Сунак и Трас, но нејзините поддржувачи велат дека не треба да се потценува нејзината улога.

По елиминацискиот круг во вторникот, Сунак доби 118 гласа од конзервативните пратеници, Мордонт доби 92, а Трас 86.

Фото: Колаж на СП/ ЕПА

Иако таа постојаното се наоѓа на третото место на досегашните гласања, Трас ја фаворизираат и аналитичарите и букмејкерите. Следната елиминациска рунда се очекува како директна пресметка помеѓу Мордонт и Трас кој од нив ќе остане во „финалето“ и ќе се соочи против Сунак.

Крајниот рок за Ториевците да ги дадат своите гласови е 2 септември, а победникот ќе биде прогласен на 5 септември. Џонсон официјално ќе се повлече од функцијата на 6 септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот