Асад ја губи моќта

Фото: EPA-EFE/SANA

Три клучни надворешнополитички актери во сириската криза се обидоа повторно да ја преземат контролата над бунтот повикувајќи на дијалог меѓу претседателот на Сирија Башар ал Асад и опозициските групи додавајќи дека би било „неприфатливо“ да се користат терористи за преземање на контролата над земјата, пишува Гардијан.

На маргините на форумот во Доха Катар, Турција, Русија и Иран ја повикаа сириската опозиција да одговори на повикот за крај на борбите и зачувување на Сирија како интегрирана земја.

Среде извештаите дека руски дипломати бегаат од Дамаск поради брзото напредување на опозицијата, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека „Русија се обидува да направи се што е можно да спречи терористите да превладаат, и покрај тоа што велат дека не се терористи“. Тој исто така рече дека се во тек напори ал Асад да ги нормализира односите со Турција, вклучувајќи го тука и барањето на Анкара да може да интервенира за да се спречи курдски сили да ја користат северна Сирија за напади.

Порано годинава ал Асад одби да разговара со Турција се додека турските сили остануваа во Сирија. Ова одбивање го наведе претседателот Реџеп Таип Ердоган имплицитно да ја одобри милитантната група Хајат ал Шам, која изведе исклучително успешни напади на Алепо и на градот Хомс.

Како што пишува Гардијан, додека слабее моќта на Ал Асад, кој на власт беше 24 години, сирискиот лидер нема да има друга опција освен да направи отстапки за Турција во врска со курдското прашање.

Но, нема гаранции дека Турција може да ја контролира групата Хајат ал Шам или да и нареди да ја заврши офанзивата која се покажа многу поефикасна отколку што и тие самите очекуваа.

Лавров повеќе пати нагласи дека Хајат ал Шам е на листата на терористички групи на САД и ОН. Тој го доведе под знак прашалник и тоа дали групата има корени во Ал Каеда.

-Да беа опозициските групи одговорни и ако им беше гајле за нивната земја, немаше да дозволат да се продолжи овој судир, рече тој.

Признавајќи дека не може да го предвиди исходот на борбите Лавров рече дека „Русија им помага на сириските војници со свои сили да се спротистават на нападите на терористите“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот