„Артконект“ објави нова книга од проектот „Европски приказни на надеж“

Романот „А Бабукар одеше на чело“ од Џовани Доѕини е италијанскиот добитник на Наградата за литература на Европската Унија во 2019 година. Ова е современа италијанска приказна за четворица млади луѓе од различни африкански земји, кои едно лето ќе се најдат во Перуџа во потрага по поубава иднина.

Полни надеж, желби, носталгија, но и стравови поради неизвесниот живот во новата земја, па и лутина, еден летен ден овие млади момци ќе се заплеткаат во низа „секојдневни“ ситуации на едно навидум обично патување за краток одмор до морето.

Доѕини во својот едноставен стил на пишување наоѓа начин да рефлектира комплексни прашања и со леснотија го води читателот на една авантура која открива многу за мигрантскиот живот, за животот на младите денеска, за потребата од промена, преселба, и (вечната) потрага по идентитет.

Џовани Доѕини (1978) е италијански новинар, автор и преведувач, роден и израснат во Перуџа, каде што, сè уште, живее и работи. „А Бабукар одеше на чело“ е роман издаден како дел од проектот „Европски приказни на надеж“ на издавачката куќа „Артконект“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Преводот е на Калина Јанева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Видео на денот