„Артконект“ го објави романот „Магнетен рид“ од Река Ман-Вархеѓи

Унгарската писателка со романско потекло, Река Ман-Вархеѓи, живее во Будимпешта, каде што студирала естетика и социологија. Нејзино најпознато и најпреведувано дело е романот „Магнетен рид“, за кој ги добила наградата „Дери Тибор“ и Наградата за литература на Европската Унија во 2019 година.

Во „Магнетен рид“, една млада жена решава да се врати од Њујорк во Будимпешта (нејзиниот роден град), за да напише роман. Таму се запознава со универзитетски професор, кој ќе има врска и со неа и со една студентка. Преку внатрешните битки, предизвици и предрасуди на главните ликови, се запознаваме со разни комплексности на современиот живот во Унгарија.

Приказната во овој роман остава многу отворени прашања: има случувања на кои не им е откриен крајот, има незадоволени желби. За романот авторката има изјавено: „Често, најинтересните делови воопшто не го вклучуваат протагонистот. Се обидов да направам експеримент и да пишувам во прво лице, и ми се допадна тонот што го открив, но не беше соодветен на ликот во романот. Се колебав меѓу двете опции, а потоа сфатив дека може да ги зачувам и двете во извесна форма. Мислев дека, ако е линеарна, приказната ќе биде премногу во фокус, премногу ќе го привлекува вниманието врз себе, а во овој роман приказната не е најважниот дел.“

Романот „Магнетен рид“ е издаден како дел од проектот „Европски приказни на надеж“ на издавачката куќа „Артконект“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Преводот е на Златко Панзов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 110, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот