Арсовски за СП: Бајден повеќе ќе ја стиска Бугарија од Македонија, но нема да „крши коски“

петар арсовски
Петар Арсовски, политички аналитичар / Фото: Слободен печат

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе влијае побрзо да се надминат проблемите на Балканот, со цел регионот да стане постабилен, вели аналитичарот Петар Арсовски за „Слободен печат“. Според него, американската надворешна политика има три приоритети за решавање на Балканот: проблемот Србија-Косово, евроинтерграцијата на Македонија и Албанија во ЕУ, а со тоа и решавањето на проблемот со Бугарија и ситуацијата во Босна и Херцеговина.

– Во Босна состојбата е најкомплицирана и таму поспоро ќе се влечат потезите, а заради итноста, прв приоритет ќе биде Косово. За македонско-бугарскиот спор, притисокот од САД ќе биде насочен и кон Македонија и кон Бугарија. Тоа така се прави, се притискаат двете страни и која страна прва ќе попушти, ќе добие полоша позиција. Сепак, очекувам дека стратешки притисокот ќе биде малку поголем кон Бугарија отколку кон Македонија. Тоа не значи дрка ние треба да се опуштиме и дека ќе седиме на трибини и ќе гледаме како САД „им ги кршат коските на Бугарите“. Тоа нема да се случи – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој смета дека американска администрација ќе покаже дека со своите потези и политики повторно е синхронизирана со Европската унија. Додава и дека кај нив вакцинацијата оди добро, имаат повеќе вакцини отколку што може да вакцинираат и затоа можат да се посветат на надворешните прашања среде пандемијата со ковид-19.

Неодамна Германија соопшти дека Западен Балкан е еден од итните шест приоритети на заедничката надворешна политика со САД, а претседателот Џо Бајден вчера побара од српскиот претседател Александар Вучиќ „да превземе тешки чекори што ќе доведат до стабилизација на односите со Косово и меѓусебно признавање“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот