Арсовски: Сопругот на Марина Туцаковиќ му даде плико со пари на Боки 13

Бојан Јовановски го знам од 2017 година, кога хонорарно работев како возач кај него, а кога се отвори 1ТВ бев вработен, изјави Стојан Арсовски, кој денеска сведочеше во процесот „Рекет“.

На прашање на одбраната на првообвинетиот во „Рекет“ дали ги знае Зоран Милески и Ана Камчева, сведокот одговори потврдно.

– Милески најчесто доаѓаше сам кај Јовановски во неговиот дом во населбата Орман, а се сеќавам дека еднаш дојде со Ана Камчева – изјави сведокот Арсовски.

На една средба во Белград на Бојан Јовановски со позната текстописателка Марина Туцаковиќ забележав како нејзиниот сопруг на Боки 13 му даде плико со пари, изјави сведокот.

– Бојан Јовановски имаше голен број состаноци. Одеше во УЈП, МВР, во Влада и во други државни институции – изјави Арсовски.

За денот кога беше апсен Бојан Јовановски на преминот „Богородица“ сведокот рече дека откако дознал оти Боки 13 полицијата ќе го спроведе во Скопје, тој останал во полициската станица.

– Темелно ме претресоа дури двапати. Ми земаа некој лични работи од гардеробата за која ми беше речено дека за брзо време ќе ми се врати, но еве до денес тоа не се случи – нагласи сведокот.

Нагласи дека многу познати бизнисмени и политичари доаѓале во кабинетот на Јовановски во 1ТВ.

– Се сеќавам дека на двапати сум го носел Јовановски кај Орце Камчев на гости. Се сеќавам дека тој кон Бојан имал добар однос, многу пријателски. Во една прилика му даде и поклон – нагласи Арсовски.

Одбраната на Јовановски и на ова рочиште побара судечкиот совет да донесе одлука за замена на затворскиот притвор со друга алтернативна мерка. Јовановски е во притвор од 15 јули лани.

Во овој случај Јовановски е обвинет за перење пари и за примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот