Арсовски: Нема потреба од нов договор или од анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија

Договорот со Бугарија од 2017 година е добра основа и рамка за да продолжат разговорите во насока на изнаоѓање решенија, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

– Дозволете денеска да се случи разговорот на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, па потоа да известиме за деталите, додаде Арсовски одговарајќи на прашањата за барањето од Бугарија за нов анекс на Договорот и дали премиерот Зоран Заев има некакви предлози што ќе ги презентира на за денеска најавениот телефонски разговор со германската канцеларка Меркел.

Според него, став на Владата е дека нема потреба од нов договор или од анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Во врска со прашањето за македскиот јазик, Арсовски потенцира дека е веќе јасно оти македонскиот јазик и идентитетот се факти потврдени од ОН и Владата смета дека за ова не треба да има дилема.

Прашан за нови детали и информации за тоа што се случува во однос на спорот со Бугарија и со кои црвени линии нашата држава разговараше на средбата во Берлин во понеделникот, портпаролот Арсовски повтори дека премиерот Заев денеска ќе разговара со канцеларката Меркел и изрази благодарност што Германија како претседавач на ЕУ засилено се залага за исполнување на „заедничката цел одржување на првата меѓувладина конференција и со тоа означување на почеток на преговорите на Северна Македонија до  крајот на годината”.

– Ова е сигнал за целиот регион дека со тоа се задржува и кредибилитетот на ЕУ што е интерес на сите. Конкретно, паралелно се одвиваат контактите меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и на Северна Македонија. Во овој момент цениме дека во интерес на тој процес не треба да се изнесуваат детали. Секако важно е да се напомене дека сите овие контакти водат кон заедничко разбирање и секој нов состанок води кон зајакнување на довербата и приближување на позициите, истакна владиниот портпрол.

Тој потенцира дека земјава го почитува Договорот со Бугарија од 2017 година и останува на ставот дека тој е одлична рамка и нуди инструменти за да се менаџираат прашања за кои официјална Софија има некаква загриженост.

– Подготвени сме да прифатиме објаснувања во оваа насока и би упатиле апел и би го осудиле говорот на омраза во двете земји и сакаме да ги повикаме сите чинители да го поддржат овој апел и заедно да спречиме нов наплив на омраза во кој било правец, што би влијаело на какво било начин, дали на преговарачите или на Комисијата што се занимава со историските прашања, рече портпаролот Арсовски, додавајќи дека дилемите за историските прашања треба да ги разрешат експертите од двете држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот