Арсовски: Нема многу шанси за американски санкции за Бугарија

петар арсовски, утрински брифинг
Петар Арсовски, аналитичар / фото: Утрински брифинг/Слободен печат

Аналитичарот Петар Арсовски за идејата за санкционирање на Бугарија од страна на САД вели дека е во зародиш, а потекнува од конгресменка од опозициската Републиканска партија.

– Овој предлог на конгресменката Клаудија Тени засега делува како „паднат од небо“ и ќе видиме дали ќе наиде на плодна почва во САД. Тие се секако силно заинтересирани за европската интеграција за Западен Балкан. Друго би било ако најавата за санкции потекнува од некој од администрацијата на претседателот Џо Бајден – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој проценува дека шансите Бугарија да го тргне ветото во јуни се помали од 50 отсто и како што наближува времето, притисокот во Софија да не попушти ќе биде поголем, со оглед дека после нема да имаат можности толку ефективно да не блокираат како сега.

– Рејтингот на бугарскиот премиер Кирил Петков е во пад. Јас верувам дека тој искрено сака да го реши проблемот и да го тргне ветото за Македонија, но ако оцени дека со тој потег ќе му падне владата, тогаш тоа е невозможен избор за кој било политичар. Важното прашање е што ќе правиме ние? Кај нас паѓа поддршката за ЕУ-интеграциите, но тој пад е од 80 на 70 отсто. Немаме план Б, а и не може да имаме, со оглед дека Македонија природно и географски припаѓа во Европа, па соодветно и кон ЕУ. Единствена опција е да се свртиме на реформите дома. Точно е дека никој и досега не не спречувал да се реформираме, но ЕУ и преговорите за членство се механизам што ги обезбедува тие реформи. Без тоа, кај нас нема политичка волја самостојно да ги изведеме. Ќе мора да се најде начин тоа да продолжи со надзор на ЕУ – вели Арсовски.

Американската конгресменка од Републиканската партија Клаудија Тени во интервју за „Гласот на Америка“ рече дека размислува да формира коалиција со членови од Претставничкиот дом и од Сенатот за да разгледаат можни санкции од САД за Бугарија заради блокадата на македонските интеграции во ЕУ. Целта би била да ја поттикнат Бугарија на дијалог.

– Ако би можеле да најдеме накаков вид санкции што би биле ефективни за да ги доведеме на маса или нешто што би поттикнало решение на овој конфликт и безобразно однесување. Очигледно треба да ги притискаме да се вклучат во дијалог, во разговор и да ги минимизираме нивните обиди за дестабилизација на ситуацијата за која треба да најдеме решение. Ова има негативно влијание врз остатокот на Западен Балкан. Загрижена сум дека овие разговори се во сенка на она што се случува во Украина и можеби не се толку сериозни како што би можеле да бидат – рече Тени.

Таа ги искритукува лидерите на Бугарија дека нивните постапки не им дале позитивно чувство дека она што го прават е одговорно лидерство, а за провокативните изјави на претседателот Румен Радев кон Македонците рече дека „звучи како некој што е диктатор или кој сака да биде диктатор, кој сака да стекне моќ, а не навистина да обезбеди лидерство и да биде вистински лидер да ги штити и унапредува интересите на Бугарите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот