Арсовски: Македонија треба да се сврти кон Франција за поддршка кон ЕУ

петар арсовски
Петар Арсовски, политички аналитичар / Фото: Слободен печат

Поддршката за евроинтеграцијата на Македонија за во иднина што ни ја вети германската канцеларка Ангела Меркел е декларативна и сега најмногу треба да се потпреме на сопствените сили и да побараме поголема поддршка од Франција, но и за тоа нема да имаме многу време, вели аналитичарот Петар Арсовски за „Слободен печат“.

– Во Германија сега следуваат избори, а ние треба да се потпреме на себе, на поддршката од САД и да се свртиме кон други влијателни земји во ЕУ, на пример Франција, која го превзема претседателството со ЕУ од 1 јануари 2022 година. Видовме дека последната средба на премиерот Зоран Заев со претседателот Емануел Макрон и според тамошните медиумски извештаи помина многу добро. Но, и за тоа треба да се делува брзо и да се постигне резултат до февруари, затоа што веќе од март Макрон влегува во предизборен период за претседателските избори во Франција – вели Арсовски.

Тој вели дека Македонија не може да се надева дека до крајот на оваа година ќе ги почне преговорите за членство со ЕУ за време на словенечкото претседателство, затоа што бугарското вето може да го отстрани само нова политичка влада во Бугарија, а есенва кај источниот сосед ќе се одржат трети предвремени парламентарни избори.

– Ништо не може да очекуваме од самитот за Западен Балкан што Словенија го организира на 6 октомври, затоа што и натаму Бугарија е со техничка влада која нема мандат да се впушта во решавање на овие политички прашања. Кога и да се закажат есенските избори, потоа ќе треба да се формира тамошната влада, па таа влада првите недели очекувам дека ќе се занимава исклучиво со внатрешните прашања, така што до крајот на годината не очекувам никаков напредок. Можеби евентуално да има некаков исчекор на лидерскиот самит во декември, но само ако дотогаш исклучително напорно се одработи – вели Арсовски.

Во врска со пораката на канцеларката Меркел дека Отворен Балкан не е алтернатива и дека Балканскиот процес мора да продолжи, Арсовски вели дека тешко ќе биде некој да го успори или осуети создавањето на сојузот Отворен Балкан.

– Без разлика што тоа е слаба алтернатива на ЕУ тешко ќе биде да се успори процесот на создавање на Отворен Балкан. Сепак тоа е еден органски одговор на земјите од регионот, нивно природно сојузништво после одбивањето од ЕУ. Така што, нема да се дезавуира таа идеја, колку и да не им се допаѓа на некои земји-членки на ЕУ – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот