Арсовска за украсувањето на градот: Треба да почнеме со штедење, неопходни се сите чекори за справување на кризата
Во два дена наидовме на многу предизвици. Поентата е да ги пренамениме проектите со ненаменски трошоци, изјави денеска градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска за тоа зошто градот го раскинал договорот за новогодишното украсување, потпишан од страна на нејзиниот претходник, Петре Шилегов.
Според неа, во однос на ова прашање треба да се слушаат граѓаните.
-Вчера имаше големи реакции и граѓаните сметаат дека трошоците за украсувањето се непотребни. Неопходни се сите чекори за справување на кризата. Треба да почнеме со штедење на средствата, порача Арсовска.
Арсовска не одговори дали воопшто Скопје годинава ќе биде украсено за Нова Година, туку најави дека се каже утре на брифинг.
Но, утрово во соопштението од Градот меѓу другото стоеше и дека следната година место досегашната практика на ненаменско трошење на парите на граѓаните и ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на Градот со што ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска го раскина договорот за новогодишно украсување на Скопје, кој претходниот градоначалник Петре Шилегов и за оваа година го склучи со фирмата „Линк медиа плус“ во вредност од 243.000 евра.