Арсовска тврди дека од касата на МКЦ биле „искеширани“ 100 000 евра, а на 90 шанкери им биле исплаќани стотици евра месечно

Данела Арсовска прес/ Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Ревизијата која Град Скопје ја врши во Младинскиот културен центар досега покажала дека минатата година биле склучени над 250 договори за ангажирање луѓе спротивно на закон, без да се потпишат договори за времено вработување или да се ангажираат преку Агенција за привремени вработувања. Најмногу од ангажираните биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а од вкушниот број договори дури 90 биле со шанкери, кои месечно добивале од 350 до 750 евра.

Ова на денешната прес конференција го изнесе градоначалничката Данела Арсовска, која посочи дека токму сознанијата од досегашната ревизија биле клучни за за функцијата на поранешниот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев.

Арсовска тврди дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати повеќе од 100 000 евра, односно 6,2 милиони денари, кои биле повлекувани без соодветна документација, па како што рече ова „испумпување“ средства некој мора да го објасни, затоа што се работи за сериозна злоупотреба на парите од буџетот на Градот и на граѓаните.

Ревизијата исто така покажала, дека од 4о вработени 12 биле назначени за директори, односно раководители, а имало и сектори каде раководителите не раководеле со никого, освен со самите себе, но земале директорски плати.

Го повикувам Богоев да објасни за договорот со кој бил издаден просторот од 320 метри квадратни по цена од 2,7 евра од квадрат во центарот на градот на компанијата „Пасворд продукција“, на која договорот и завршил во март минатата година – рече Арсовска и посочи дека оттогаш досега нема информации дали фирмата го напуштила просторот и кој стопанисува сега со него.

Градоначалничката смета дека многу лажни вести и неточни информации проциркулирале во јавноста поврзани за последните случувања во МКЦ, дури и протести, но тоа, според неа, нема врска со културата ниту со одбрана на институцијата, туку со манипулациите што ги прави поранешниот в.д. директор за да се заштити себеси.

Таа посочи дека не е точна информацијата дека Богоев бил разрешен туку му завршил договорот според кој бил назначен за вршител на должноста, ниту информацијата дека се скратени 90 отсто од парите во буџетот што на годишно ниво ги добивала оваа институција.  Арсовска прецизира дека минатата година на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари, а од буџетот за дотации и лани и годинава била издвоена иста сума односно 34 милиони денари.

Намалувањето во вкупен износ е незначително и во ниту еден случај не е заради тоа што Градот нема интерес оваа институција да функционира, туку напротив МКЦ мора да работи и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага. МКЦ е една од институциите која има најголем потенцијал самоодржливо да работи, без дотации, односно без субвенции од Градот затоа што остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари – рече Арсовска и нагласи дека програмата, настаните и планираните активности не се скратени и дека годинава сите ќе се реализираат.

Градоначалничката ги отфрли и обвинувањата дека на Богоев му се вршени притисоци за вработувања и се закани дека доколку во рок од 48 часа не се извини за изнесените лагу, кажаното ќе треба да го докаже на суд.

Во однос на новоназначениот директор Никола Алексов, кој е дипломиран детектив, Арсовска рече дека многу луѓе што работат во културата немаат соодветно образование, дека законот тоа го дозволува, но дека при неговото назначување сите законски процедури биле испочитувани.

– Сите законски процедури се испочитувани и тоа не е спорно, спорно е што некој сака да пласира во јавноста невистини во обид да се заштити – вели Арсовска.

„Сите за МКЦ“: Над 1000 граѓани изразија незадоволство и потпишаа петиција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот