Арсовска со решение сака да запре одлука што Советот ја донесе на минатата седница, била незаконска

Славевски и Арсовска во клинч/Фото: Скриншот

Откако Советот на Град Скопје на минатата седница донесе Одлука за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот којшто е во сопственост на Град Скопје, на денешната седница советниците треба да гласаат за решение за запирање на оваа одлука, поднесено од градоначалничката Данела Арсовска.

Арсовска и на минатата седница кога се расправаше за одлуката, посочи дека таа е незаконска и доколку се усвои, нема да ја спроведе. Што ќе се случува денеска, на седницата на Советот која започнува во 11 часот, останува да се види, но судејќи по она како досега се одвиваат седниците и на нетрпеливоста која владее помеѓу Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои го имаат мнозинството во Советот, решението нема да се усвои.

Според Законот за локална самоуправа, ако градоначалникот смета дека прописот на Советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување со тоа што ќе ги образложи причините за запирањето. Но доколку Советот ја потврди својата одлука и го отфрли решението за запирање на одлуката, тогаш градоначалникот може да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката пред Уставниот суд.

Во образложението на решението за запирање на одлуката, градоначалничката наведува повеќе причини поради кои нема да ја спроведе оваа одлука.

Со член 8 став (1) од Одлуката предвидено е просторот сопственост на Град Скопје да се дава под закуп врз основа на одлука на установата, а на предлог на директорот на установата, што е спротивно на член 3, а во врска со член 67 став (1) од Законот. Имено, со стварите во општинска сопственост во име на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје располага советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје. Како што е и наведено во член 1 од Одлуката, станува збор за недвижен имот сопственост на Град Скопје и како таков одлука за негово издавање под закуп може да донесе само сопственикот, односно органите на Градот (Советот или Градоначалникот, како орган кој по закон го застапува Градот), но не и орган на установа кој согласно позитивните законски прописи не е сопственик на имотот кој се дава под закуп. Органите на установата се органи со посебен субјективитет и истите не може да одлучуваат за имот на кој не полагаат право на сопственост – се вели во образложението.

Други наведени забелешки во образложението се, на пример, дека се предлага установата да објавува оглас за давање на просторот под закуп што не е во согласност со Законот, затоа што постапката за издавање под закуп треба да ја спроведе исклучиво сопственикот на имотот, а тоа е Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот