Арсовска сѐ уште не се сретнала со ЕБОР за БРТ превозот

Данела Арсовска автобус
Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Средба на градоначалничката Данела Арсовска со претставници на Европската банка за обнова и развој во врска со БРТ превозот уште не се одржала, ниту има прецизни информации кога тоа би се случило.

– Во наредниот период следат средби со ЕБОР, а во тек е анализа на документацијата за БРТ проектот во Град Скопје, по што ќе излеземе со конкретни одговори за јавноста – кусо одговараат од Град Скопје на прашањето од „Слободен печат“ дали Арсовска веќе договорила состанок со ЕБОР во врска со договорот за заем за реализација на овој проект.

Оттаму не одговараат ниту дали градоначалничката сѐ уште останува на ставот дека нема да го спроведе веќе договорениот проект, ниту дали таа се консултирала со експерти околу оваа своја одлука.

На неодамнешниот брифинг со новинарите Арсовска најави дека во наредните денови ќе има состаноци со експертите од ЕБОР за да се запознае со условите и што било досега договорено и направено, но нагласи дека нема да го реализира проектот.

– Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект – рече новата градоначалничка.

Во меѓувреме, по информациите дека Арсовска на разговорите сака да издејствува пренамена на средствата, од ЕБОР информираа дека проектот е одобрен од нивниот менаџмент и од Бордот на директори откако е направена детална проценка и дека средствата може да се користат за специфичен проект, за кој е одобрена имплементација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот