Арсовска прва ја нагрди наградата на градот

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Само неколку денови откако стана прв човек на градот, Арсовска направи грд, низок гест, со кој најави дека ќе дејствува независно, ама не од партијата што ја поддржува, туку од културата, од логиката, од традицијата, од принципите, независно од здравиот разум кој налага почит кон луѓето заслужни за градот.

Во текот на целата изборна кампања ги убедуваше скопјани дека е независна кандидатка и дека ќе се грижи за доброто на сите граѓани. Тврдеше дека тајната на успехот е во  квалитетно менаџирање за работите да „процветаат“. Дека го сака Скопје и ќе го направи модерен град. А само неколку денови откако стана прв човек на градот, направи грд, низок гест, со кој најави дека ќе дејствува независно, ама не од партијата што ја поддржува, туку од културата, од логиката, од традицијата, од принципите, независно од здравиот разум кој налага почит кон луѓето заслужни за градот!

Данела Арсовска ќе остане запаметена како единствениот градоначалник на Скопје кој досега не присуствувал на доделувањето на наградата „13 Ноември“. Претходните 66 години, оваа награда што се дава само на граѓани и институции кои имаат посебен придонес за развојот и напредокот на Градот и се доделува на Денот кога се одбележува ослободувањето на Скопје, секогаш била предавана на добитниците лично од тогаш актуелниот градоначалник.

Сѐ до годинава! Сѐ до Данела, која не успеа да покаже манир на градоначалник и да се издигне над личните (или партиски) желби и интереси. Напротив, градоначалничката само со еден потег покажа непочитување и кон добитниците на наградите и кон денот што се слави и кон историјата и кон функцијата и институцијата што ја претставува. Можноста да покаже дека навистина е „мајка“ на сите скопјани пропадна.

Која е причината за ваквата лошо осмислена, поточно бесмислена, постапка не е докрај јасно. Дали станува збор за лична одлука, суета или за протоколарен пропуст (како она со розовото капутче на положувањето цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел) – градоначалничката не излезе да каже. Единствено преку медиумите до јавноста стигна некакво објаснување од нејзиниот кабинет дека целата организација, постапка и избор за доделување на наградите била завршена, а наградите доделени и парафирани непосредно пред преземање на мандатот. Па затоа, според нивното (или нејзино) толкување најсоодветно било наградите да бидат доделени од Комисијата која ги избрала добитниците.

Дали ова значи дека новата градоначалничка смета дека живеењето и функционирањето на Скопје почнува од денот на нејзиниот мандат, па треба да се потури со „пепел“ сѐ што се случувало претходно? Да се погази традицијата, вредностите, одлуките или што било друго што не го носи нејзиниот „параф“? Ако е така, тогаш градоначалникувањето е сосема погрешно разбрано! Доколку е протоколарна грешка, Арсовска мора многу повнимателно да размисли колку е соодветен тимот што ја опкружува. А можеби само оценила (правилно) дека не е достојна за таков чин? Или можеби не ѝ се бендисаа некои од добитниците на наградите? И не мора да ѝ се допаднат. За тоа постои комисија, која одлучува кој и зошто треба да ја добие оваа награда. Тоа ниту било ниту догодина ќе биде желба и избор на градоначалникот. И некои членови од надлежната комисија реагираа на несоодветното однесување на Арсовска. Според нив, нејзиното отсуство претставува негативна реакција и некомплетен протокол, кој подразбира секогаш до претседателот на Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“, да стои градоначалникот, кој ја врачува наградата.

Арсовска неодамна побара разбирање и трпение од граѓаните за да покаже што умее и да ги исполни дадените ветувања. Но, за некои постапки нема разбирање и оправдување. Градоначалничката функција претставува континуитет – не почнува и не завршува во мандатот на еден човек – и не треба да е оптоварена со суета, со лични или со партиски реакции. Функција, носи со себе и одговорности и отчет пред јавноста. А јавноста секогаш ќе бара одговори за постапките, особено за лошите.

За потсетување, наградата „13 Ноември“ се доделува на граѓани и на правни лица како знак на признание на Градот Скопје, за посебни остварувања и достигања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, образованието и во други области. За првпат е доделена во 1955 година, во мандатот на тогашниот градоначалник Васил Ѓоргов, по повод Денот на ослободувањето на Скопје. Наградата била доделена само во областа на уметноста, а добитници биле Блаже Конески, Славко Јаневски, Јован Бошковски, Никола Мартиновски и Благоја Ивановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот