ФОТО | Арсовска од Гази Баба: Ако се работи за граѓаните со јасен план, Скопје ќе биде поубаво место за живеење

Данела Арсовска во Гази Баба / Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва оствари средба со граѓани од Гази Баба и посети повеќе населени места каде разговараше за проблемите со кои се соочуваат жителите од оваа општина и порача дека ако се работи за граѓаните со јасен план Скопје ќе биде поубаво место за живеење.

– Сè може да направиме само доколку навистина се сака, а ние заедно со скопјани ќе направи многу за нашиот град. Ако се работи домаќински, без да се краде и да се работи единствено во служба на градот и граѓаните, Скопје може да биде и ќе биде поубаво место за живеење за сите нас. И јас се обврзувам дека ќе ги реализираме сите работи кои им значат на сите скопјани. Не може во 21 век да има заборавени населби како што се Јурумлери, Трубарево, но и многу други населени места ширум градот. Немање фекална канализација, прекини во водоснабдувањето, неасфалтирани улици се само мал дел од проблемите со кои се соочуваат голем број жители од општина Гази Баба, порача Арсовска.

Системски, со брзи и ефикасни решенија, Арсовска нагласи дека ќе понуди подобар, поквалитетен живот за сите скопјани.

– Ќе понудиме сообраќајни решенија за растеретување на сообраќајниот метеж во овој дел од градот, ќе проектираме и нови водоводни кракови за чиста вода за пиење до секој дом во општина Гази Баба, нови автобуски линии и нови автобуски станици во секое населено место и повеќе зелени површини. Еден од петте мега паркови е предвиден за изградба токму во оваа општина, порача Арсовска на средбата со граѓани во Гази Баба.

Арсовска, исто така, на скопјани им порача дека времето на ветувања без реализација е завршено и дека, како што рече, време е вистински луѓе кои се грижат за својот град, да добијат шанса, да покажат дека Скопје може да биде убаво место за живеење како што заслужува секој еден граѓанин.

– Оние кои ветуваа нов тунел под Кале, училишта, гасификација на домаќинствата, булевар Хрватска во Гази Баба и надвозник во Автокоманда, ветуваа нови улици и зелени површини, како и ревитализација на парк-шумата Гази Баба, па дури ветуваа и по една овошка за секој средношколец, не реализираа ништо. И сега повторно со истата програма бараат доверба од граѓаните за уште нови четири години без притоа да дадат отчет каде и на што ги потрошија парите на граѓаните во изминатите четири години. Јас верувам дека граѓаните ќе ги казнат овие погрешни политики во недела на 31 октомври. Доаѓа време на промени, за модерно Скопје, за Скопје на сите скопјани, изјави Арсовска.

Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот