Арсовска „несакајќи“ воведе бесплатен превоз

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Мора да се признае дека никој до сега не најде (или не сака да најде) сериозно системско решение за кое не треба само да се зборува, туку и да се примени. Сега, веднаш додека не сме се изотруле. А не само да се даваат препораки откако ПМ 10 честичките ќе досегнат вртоглави височини.

Испраќаме уште една година од нашите животи (втора по ред пандемична) и на прагот сме на новата, 2022 година, во која повторно, како и секогаш се надеваме и очекуваме да ни се случат некои убави нешта. Прво, да си замине еднаш коронавирусот, па да се изнагушкаме како луѓе. Да се радуваме заедно, да тагуваме, да прославуваме, едноставно да се дружиме едни со други како порано. Без задршки.

Во овој период од годината две работи остануваат непроменети – одбројување денови и броење ПМ честички во воздухот. Па така, од старава година што ја испраќаме останаа уште два дена, а бројките на загаденост на воздухот повторно не искачија на листата на најзагадени градови во светот. Веќе вообичаено, особено во Скопје, кога ќе се погоди магличаво време без ветар.

Оти, само ветрот му е спасот на Скопје. Да ги раздува и тоа ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките „усвет да фатат“. Ветрот е всушност најефектната мерка против загадениот воздух. Подобра од сите системски што досега ги смислија градските и државните власти. Мерка која веднаш дава резултати и на која не треба да се чека со години. Што е право, и малку дожд врши работа. Природното струење на воздухот низ главниот град одамна е запрено од прекумерната урбанизација, од зградите што ги пикнаа на секое слободно место. А ќе биде уште полошо кога ќе се изградат и кулите кај „Холидеј ин“, кај Рамстор мол и кај поранешната фабрика „Треска“.

Пред некој ден ексградоначалникот Петре Шилегов, кој при крајот на својот мандат повеќе пати се пофали дека  загадувањето повеќе не е топ-тема во Скопје, објави слика од една од мерните станици во градот, обоена виолетово од премногу отрови во воздухот. Ете така, пушти „водичка“ без збор да каже и – толку. И тоа предизвика реки од реакции и се разбира одново меѓупартиско кошкање – кој што направил за да го исчисти Скопје од отрови, кој е крив кој е прав.

Да го потсетам Шилегов дека и граѓаните минатата година и годините претходно објавуваа виолетови сликички, ама никој од тие што треба не се загрижи. Никој. Загадувањето е топ-тема во Скопје и уште долго ќе биде доколку не се преземе нешто навистина серизно. Не помага тука чистење оџаци, инвертери и субвенции за велосипеди. Тоа е само капка во решавањето на морето проблеми. И, патем, ако Шилегов тврди дека загадувањето се намалило во неговиот мандат, сигурно новата градоначалничка не го загадила воздухот за два месеца!

Мора да се признае дека едноставно никој до сега не најде ( или не сака да најде) некое сериозно системско решение, за кое не треба само да се зборува туку да се примени. Сега, веднаш додека не сме се изотруле. А не само да се даваат препораки откако ПМ 10 честичките ќе досегнат вртоглави височини.

Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина и една од кандидатите за градоначалник на Скопје на последните локални избори, Ана Петровска, деновиве укажа дека „наместо навистина да се занимаваме со она што не засега и да го спречиме морталитетот (околу 3.000 луѓе годишно умираат од последици од загадувањето), ние одново ги носиме истите препораки откако веќе е доцна“. Таа смета дека треба да се исклучат од употреба фосилни горива, да претстане да се гори јаглен, петрококс и мазут во индустриските капацитети. И многу важно – да се донесат мерки кои би биле обврзувачки наместо да бидат само препораки.

Во моментов додека го пишувам ова на сила се дваесетина препораки на Град Скопје против загадувањето на воздухот. Меѓу нив и бесплатен јавен превоз додека загадувањето е над законски пропишаниот миниумум (над 150 милиграми на метар кубен среднодневни концентрации на ПМ10). Па така, Данела Арсовска „несакајќи“ го исполни предизборното ветување – бесплатен превоз на скопјани со автобусите на ЈСП и со тие на приватните превозници. Барем за неколку дена. Барем за да види колку неколкудневниот бесплатен превоз ќе го чини Градот.

Патем, не ми е јасно како во заложбите за системско решавање на загадувањето и за чист град се вклопува тоа што во предложениот Буџет на Град Скопје за 2022 година трипати се намалени парите со кои ќе располага Секторот за животна средина, во споредба со буџетот што го имаше за 2021 година?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот