Арсовска го одбива заклучокот за приватните превозници, вели дека Советот немал кворум

Данела Арсовска/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Градоначалничката Данела Арсовска го одбива заклучокот за приватните превозници на Советот на Град Скопје, зашто бил изгласан без кворум.

Стручните служби на администрацијата на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска со допис до претседателот на Советот Трајко Славески, го информираат дека „заклучок гласан без кворум, со присуство на само 19 советници во салата на Советот, не може да се смета за донесен“ и, како што велат „нема да учествуваат во изготвување на незаконски акти кои се спротивни на позитивните законски прописи“.

За ваквото, како што се посочува во дописот, „незаконско постапување и заканите по стручните служби“ ќе бидат известени соодветните надлежни органи и пошироката јавност.

„По завршување на расправата, спротивно на член 87 од Деловникот на Советот на Град Скопје, без кворум односно неопходното мнозинство за работа од 23 советници, без соодветно од страна на стручните служби да биде утврден бројот на советници присутни во салата и бројот на гласови, своеволно изјавивте дека заклучок е донесен и притоа повикавте вработените во градската администрација и градоначалникот да постапуваат“, се вели во дописот од стручните служби на администрацијата на Град Скопје и градоначалникот.

Во дописот до Славески, од стручните служби на администрацијата на Град Скопје и градоначалничката Арсовска, се посочува дека во текот на расправата на седницата, тој како претседател на Советот спротивно на законот и на деловникот на Град Скопје, во повеќе наврати го ускратил правото на изјаснување на присутните и не им дозволил на преставниците на градската администрација стручно да се произнесат по точката на дневен ред.

„Воедно, предложивте со заклучок во најкус можен рок и тоа дури во текот на денешниот ден да се достави изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот остварен километар, со тоа што износите во табелата за цена по километар да се зголемат за 30 ден соодветно и истата да се применува до истекот на важноста на договорите кои Град Скопје ги има со приватните превозници. Ваквиот заклучок кој не произлегува од поднесената иницијатива, гласан без кворум, односно со присуство на само 19 советници во салата на Советот (за што постои видеозапис), не може да се смета за донесен. Стручните служби во градската администрација и градоначалникот во ниту еден момент и на никој начин нема да бидат соучесници во Вашето грубо прекршување на Статутот, Деловникот на Советот на Град Скопје и конкретното незаконско постапување“, се посочува во дописот.

Предложениот заклучок, се вели во дописот од стручните служби на администрацијата на Град Скопје и градоначалничката, е незаконски и не спроведлив.

„Измена на вредност на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници, не се врши со зголемување по нечија желба во висина од 30 денари како што беше сторено од Ваша страна, туку врз основа на критериуми базирани врз трошоци за гориво, бруто плата на возачи, трошоци за резервни делови, за регистрација, технички преглед и осигурување, трошоци за потрошен материјал и одржување, амортизација, сервис на возила, паркинг и разумна добивка. Секој поинаков предлог и донесување на акт е спротивно на позитивните законски прописи и подзаконски акти, а доколку реалната цена добиена согласно горенаведените критериуми е пониска од онаа која вие сте ја договориле без соодветна анализа и факти, истото ќе предизвика штета на буџетот на Град Скопје и прибавување противправна имотна корист на други лица“, се посочува во дописот.

На дописот до Трајко Славески, испратен до медиумите, потпишани се градоначалничката Данела Арсовска и секретарот Зоран Глигоров, како и надлежните од секторите од градската администрација – Сектор за правни работи, Сектор за финансиски прашања, Сектор за сообраќај, Сектор за ревизија, Сектор за јавни дејности, Сектор за планирање и уредување на просторот, Сектор за локален економски развој, Сектор за управување со човечки ресурси, Сектор за поддршка на Совет, Сектор за комунални работи, Сектор за ИТ и модернизација, Сектор за заштита на животната средина, Сектор за образование, Сектор за јавни набавки и Сектор за општи работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот