Арсовска ги назначи првите луѓе на јавните претпријатија чии директори дадоа оставка

Данела Арсовска градоначалник на Скопје / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Градоначалничката Данела Арсовска денеска ги назначи новите в.д директори на јавните претпријатија во Скопје, чии директори во изминатиов период дадоа оставки или беа разрешени.

Со ЈП „Лајка“ ќе раководи Радмила Пешева, активист од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, а нов директор на ЈП „Улици и патишта“ е Саид Саид. На в.д директорската позиција во ЈП „ Градски паркинг“ назначен е Крсте Петревски, во „Паркови и зеленило“ Реџепи Зухејр, додека со ЈП „Дрисла“ ќе раководи Александар Кузинаков.

Новите в.д директори ќе имаат обврска и одговорност во следните 6 месеци да ги спроведат неопходните реформи со цел консолидација на јавните претпријатија во периодот кој следи од аспект на справување со економската и енергетската криза. Обврските се во насока на оптимизација на средствата и процесите, намалување на трошоците и кратење на сите непродуктивни трошења, како и спроведување на реформата во сегментот на вработувања во претпријатијата со која нема да се дозволи лица кои не одат на работа или не ги извршуваат работните обврски да бидат платени од буџетските средства – информираат од Град Скопје.

Оттаму нема информации за досегашните искуства на новопоставените директори, а според обврските кои тие треба да ги исполнат во наредните шест месеци, може да се очекува дека и во овие јавни претпријатија во периодот што следи ќе има отпуштања на вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот