Арсовска да се смени, не само од ЗЕЛС

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Градоначалничката има уште три години мандат, доволно време да се сменат односите и, колку што е можно, да се обидеме сите да излеземе од калта. И, конечно, да поработи на тоа Скопје да биде убав и модерен град, како што ветуваше.

За првпат од постоењето на Заедницата на единиците на локалната самоуправа сменет е нејзиниот претседател пред да му истече мандатот. Од 2005 година, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, прв човек на ова тело секогаш е градоначалникот на Град Скопје, а негова задача е да ги застапува интересите и да се залага за решавање на проблемите на сите општини во државава.

Данела Арсовска ја има „честа“ да биде првата – разрешена. Она што на други нивоа не може да ѝ се случи, односно не може да ја сменат ниту советниците ниту граѓаните до следните локални избори, го доживеа во ЗЕЛС, каде што промената се врши со едноставно гласање, при кое мнозинството одлучува.

Дали ова ќе фрли темна дамка врз ЗЕЛС или не, како што коментираат некои експерти, времето ќе покаже, но во овој момент значајно е тоа дека градоначалничката, веројатно конечно стана свесна дека е заменлива и дека тврдоглавоста и арогантноста со која сака да „владее“ не се најдобриот пат кон успехот.

Арсовска, односно во нејзино име Град Скопје, со молскавична брзина, додека јавноста сѐ уште не знаеше за разрешувањето, ги обвини градоначалниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ дека со здружени сили ја разрешиле и дека во случајов на дело се покажала коалицијата помеѓу овие две партии. И, се разбира, во соопштението не заборавија да кажат дека луѓето што се најзаслужни за ерозијата на македонското општество ја преземаат и контролата врз ЗЕЛС, како единствена национална асоцијација и непрофитна организација, затоа што не сакале луѓе со визија, вредни, чесни, независни и (се разбира) луѓе што работат само и само во интерес на јавноста.

Дека постои некаква непринципиелна коалиција против актуелната градоначалничка, и покрај тоа што ниту еден човек од двете партии нема да признае, е повеќе од очигледно. Постои. Е сега, градоначалничката треба да се запраша со што заслужи сите да се свртат против неа. Оти не може сите да не чинат, само еден да е арен. Тој едниот треба да се обиде да ја види и пошироката слика, не само себеси.

Од едногодишното претседавање на Арсовска со ЗЕЛС единствено што паметиме беше апелот за државна помош поради високите сметки за струја на општините, а потоа и заканата дека доколку Владата не им помогне на општините ќе следуваат сериозни чекори и радикализација (!?). Никогаш не разбравме со какви чекори се закануваше градоначалничката.

Всушност, не само поврзано со ЗЕЛС, туку сето она што е белег на едногодишниот мандат на Арсовска како прва дама на Скопје се расправии со сите што не мислат како неа, закани со кривични пријави за кои не слушнавме никаква завршница, смени на директори од кои постојано е незадоволна, кавги со советници, со партии, со приватните превозници, обвинувања дека сите се против неа и против интересот на граѓаните.

Ете, единствено Арсовска остана да го штити интересот на граѓаните, а тој благодат, за жал, скопјани не го чувствуваат. Но, ги чувствуваат, на пример, последиците од уништениот јавен превоз, оти градоначалничката, нели, штитејќи ги од нечистите и стари автобуси на приватниот превоз, ги остави и без нив (какви-такви). Советниците, пак, не ѝ одобрија пари да купува нови. И додека натискани како сардини се возат со автобусите на ЈСП, граѓаните мора да се многу среќни што некој се грижи за нивниот интерес. И оние што користат автомобили за превоз и тие се со полни души радости кога ќе се заглават по половина час во центарот додека бесконечно трае реконструкцијата на улицата кај Домот на пратениците.

Никој не разбра ниту што се случува со тендерот за прочистителната станица откако го фати директорот на „Водовод“ со рачињата во медот, како што самата рече. Има ли некаква пријава и, уште повеќе, потврда од институциите за разрешница за сите нејзини досегашни јавно изнесени обвинувања кон одредени луѓе? А ги имаше…

Можеби е време Арсовска да „смањи доживљај“ и конечно да се фати за работа, да соработува со советниците ( кои исто така се избор на граѓаните) и заедно да работат (сериозно) за  граѓаните. Доста се закани, обвинувања, сензации, исправање кривини, терање правдини, правење драми. Скопјани избираа градоначалник, а не обвинител или ревизор.

Арсовска има уште три години мандат, доволно време да се сменат односите и, колку што е можно, да се обидеме сите да излеземе од калта. И, конечно, да поработи на тоа Скопје да биде убав и модерен град, како што ветуваше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот