АРМ и НАТО – сè уште лабаво!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Генералот Ѓурчиновски, како поранешен постојан претставник на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, во спомнатиот историски контекст, би требало подобро да ги разбира „неуниформираните“ суптилитети на својата сегашна функција.

На неколку дена пред ратификацијата на Протоколот за нашето членство во НАТО, закажано за 11 февруари во нашето Собрание, началникот на Генералштабот на АРМ, генералот Васко Ѓурчиновски, го поканил во тридневна официјална посета на Македонија својот колега од Србија, од 4-7 февруари. Како што велат од Генералштабот на АРМ, тоа е дел од „годишниот План за меѓународна соработка на Началникот на Генералштабот за 2020 година“.

Како што е познато, Република Србија е единствената држава од нашето соседство која не е членка на НАТО, бидејќи покрај Грција, Бугарија и Албанија, Косово, во безбедносна смисла, го третирам како „сопственост“ на западната воена Алијанса.

Човек би помислил дека е прашање на елементарен политички такт во историскиот момент кога Македонија станува членка на НАТО, шефот на нашиот Генералштаб да покаже повеќе сојузнички усет во својата меѓународна активност… Но, ете, така „испаднало“ (согласно „годишниот план…“ итн.) дека ќе го угостиме во четиридневна посета (?!) токму армискиот шеф на нашиот северен сосед.

Генералот Ѓурчиновски, како поранешен постојан претставник на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, во спомнатиот историски контекст, би требало подобро да ги разбира „неуниформираните“ суптилитети на својата сегашна функција. Но, генералот Ѓурчиновски, поранешен аѓутант на Ѓорге Иванов кој и го именуваше во 2018 година на сегашнава функција, изгледа дека такви деликатни аспекти во извршување на својата функција, сепак, не ги разбира. Или, можеби, напротив, грешам?

Но, откако во официјалната преписка со Генералштабот на АРМ за претстојнава посета разбрав дека се одобрени финансиски средства од Министерството за одбрана, а и друга „координација на сите меѓународни активности предложени од Генералштабот“, сфатив дека за меѓународните активности на Генералштабот, всушност, нема цивилно ниво во државава кое би можело да интервенира со свои политички сугестии, ако веќе не и со конкретни „упатства за постапување“. Бидејќи, на моето прашање дали врховниот командант на АРМ, претседателот Пендаровски, знае за планиранава посета, од Генералштабот ми одговорија дека „пред реализација на ваков вид највисоки воени посети Генералштабот е должен да го информира како и да изврши координација со претседателскиот кабинет доколку Претседателот одлучи да учествува во дел од активностите како што секогаш било случај досега“…

„Информира“ и „врши координација“ – така, прилично лабаво.

Да не се сфати погрешно, се разбира дека Македонија мора да одржува добри односи во безбедносната, воена соработка со сите соседи, вклучувајќи ја и Србија. Но, членството во НАТО не подразбира само воено припаѓање кон најголемата светска безбедносна сила, со сите оперативни, технички и стратегиски определби на Алијансата, туку прифаќање на целата политичка симболика во тие односи.

Во таа важна, симболичка смисла, можеби ќе беше попаметно во ОВОЈ февруари Генералштабот на АРМ да ги поканеше сите армиски шефови од соседните земји членки на НАТО, а средбата со уважените српски колеги, на пример, да ја оставеше за септември или за октомври? Таман и времето ќе им биде потопло за планираното четиридневно дружење…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот