Арктикот станува нов полигон за пресметка на суперсилите
Големите сили ја засилуваат битката за превласт на Арктикот, а реториката станува сѐ пожестока. Последните иперијалистички изјави на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп кон Гренладн од една страна и повиците за смирување на реториките од западните лидери за намерите на Трамп од друга страна, припаѓаат на вообичаената воено-политичка гимнастика во овој дел од светот, која според западните аналитичари наложува една работа, а таа е дека ситуацијата се вжештува
Имено, повеќе медиуми пишуваат зошто Арктикот има огромно значење за суперсилите. Сепак како клучна причина зошто Арктикот станува сѐ поважен е глобалното затоплување, односно фактот што со тоа се овозможува отворање нови поморски патишта.
Во тој случај многу поголема фреквенција светската пловидба би имала преку северниот поморски пат. Токму таа маршрута се смета за клучен поморски пат на иднината. Но исто така е факт дека споменатата маршрута најмногу се протега по должината на рускиот брег.
Експертите веруваат дека пловењето низ оваа област, каде што нема да има мраз, би можело да го скрати растојанието помеѓу Ротердам и Јокохама за 40 отсто во споредба со поминувањето низ Суецкиот Канал.
Сите со свои амбиции за превласт над Арктикот
Зборувајќи за природните ресурси, студијата на Геолошкиот институт на САД покажа дека поларниот регион на Арктикот може да содржи околу 13 отсто од неоткриените светски ресурси на нафта и 30 отсто од неоткриените светски ресурси на гас.
Би-би-си објави дека арктичкиот регион би можел да биде дом на 160 милијарди барели нафта. Покрај тоа, областа содржи и големи количества минерали. Поради сѐ побрзото топење на мразот, се очекува дупчењето, ископувањето и транспортот на суровини да бидат полесни во блиска иднина. Едноставно – климатските промени ја направија експлоатацијата на ресурсите во пошироката област на Арктикот економски исплатлива, а државите се натпреваруваат за воена и комерцијална контрола над територијата.
Дали војната во Украина ги подгреа амбициите за превласт над Арктикот
Несомнено е дека Арктикот доби ново геополитичко значење во последните години. Мариус Никвист Педерсен, автор на извештајот „Затоплување на Арктикот во Студената војна – Последици од климатските промени на Арктикот за норвешката безбедност“, напиша дека соработката на Арктикот функционираше добро со години. Сепак, тоа се промени со почетокот на руско-украинскиот конфликт. На пример, западните земји ја прекинаа соработката со Русија преку Арктичкиот совет.
– Изгубивме важен дипломатски форум за одржување на нивото на конфликтот. Многу земји се согласуваат да ги зајакнат одржливиот развој и работата за животната средина. Русија се чини дека е позаинтересирана за искористување на ресурсите, контролира речиси половина од крајбрежјето што го опкружува Арктикот – изјави за јавноста Мариус Никвист Педерсен, додавајќи дека глобалното ривалство на суперсилите сè повеќе ќе го вклучува Арктикот.
Русија засега домининтна во тој дел од светот
Русија во суштина е арктичка држава. Рускиот брег сочинува 53 отсто од Арктички Океан, а во регионот живеат околу два милиони Руси. Според економските показатели, 20 отсто од БДП на Русија се генерира на Арктикот, а на полуостровот Кола се наоѓаат две третини од руската нуклеарна енергија.
На пример, реномираниот „Политико“ посочува дека во текот на изминатите две децении Русија доминираше во битката за Арктикот со изградба на својата флота од мразокршачи, бродови и подморници способни за нуклеарно оружје и развивање повеќе рударски и нафтени платформи на нејзиниот арктички брег долг 15.000 милји.
Така, таа се обиде да ја преземе контролата врз таа нова северна морска маршрута, која би можела да биде во употреба до 2035 година. Русија најави дека ќе инвестира речиси 25 милијарди американски долари во инфраструктура за да се осигури дека маршрутата ќе стане клучна точка за светската трговија.
– Во моментов воената рамнотежа на Арктикот е во голема мера на страната на Русија, нејзините бази во регионот се повеќебројни од оние на НАТО за околу една третина. Додека САД штотуку го основаат своето прво длабоко водно пристаниште на Арктикот, Русија веќе инвестираше многу во пристаништа, инфраструктура и пловни објекти за развој и заштита на северниот поморски пат – забележува „Политико“.
А според изјавата за „Бизнис инсајдер“ на Грегори М. Гило, командант на Северната команда на САД, Америка во моментов има само еден тежок мразокршач за операции на Арктикот, додека Русија има околу 40.
– Тоа ја ограничува нашата слобода на маневрирање во тој регион – рече тој.
Америка го гледа Арктикот како поле за проекција на глобалната моќ
Што се однесува на американската страна, „Модерн дипломаси“ потсетува дека новата арктичка стратегија објавена од американската војска го смета Арктикот како платформа за проекција на глобалната моќ. Медиумот потсетува дека Америка отвори и конзулат во Нук, Гренланд, а планира да назначи и амбасадор за регионот во рамките на Стејт департментот. Сето ова наведува дека САД под раководство на Трамп ќе настојува да дојде до проширување на политиките кои се однесуваат на надворешните граници на својот континентален гребен, а тоа всушност го најави и Трамп преку неговото изборно мото „Америка на прво место“.