Архивистика: Зборник и монографија се објавени на јубилејот на Државниот архив

Државниот архив на Република Северна Македонија на 1 април го прослави своето 70-годишно постоење. Свечената академија по повод јубилејот се одржа во НУ Музеј на македонската борба, каде што беа промовирани монографијата „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)“, во која е презентиран историскиот развој на Државниот архив низ најзначајни фотографии и документи со кои располага Архивот, како и зборникот „Првите луѓе на Државниот архив (1951-2021)“ од проф. д-р Марјан Димитријевски. Преку биографиите и библиографиите на првите луѓе на Архивот, всушност, се прикажува развојот на современата македонска архивистика и оваа институција, која претставува еден од темелите на македонскиот национален идентитет.

Во зборникот е осведочена улогата на првиот директор на Државниот архив, Тодор Талески, и неговиот наследник, Димче Стојанов – Мире, како основоположници на современата архивска служба во нашата држава, преку прикажување на нивните напори за институционален развој на архивистиката. Следните генерации директори прават значајни исчекори во доразвивање на мрежата на архивските установи и осовременување на законодавната архивска практика. Архивот бележи подем во сите сфери на работењето на ниво на поранешна Југославија и по осамостојувањето.

Денес во своите стратешки цели Државниот архив ја има дигитализацијата на архивските документи и историски материјали и воведување процеси на спроведување современи облици на архивистиката. Изданието „Првите луѓе на Државниот архив (1951 – 2021)“ ќе остане како пишана трага за посветеноста на 13-те директори за достигнувањата на Државниот архив и ќе им служи за пример на идните генерации историчари и архивисти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот