Архитектот Зорица Блажевска ја доби престижната награда „Андреја Дамјанов“

Мишко Ралев и Зорица Блажевска / Фотографија: Асоцијација на архитекти на Македонија

Асоцијацијата на архитекти на Македонија на 31 јануари во галеријата на МАНУ ја врачи престижната награда за животно дело „Андреја Дамјанов“ на архитектот Зорица Блажевска.

Добитникот на престижната награда „Андреја Дамјанов“ за животно дело од областа на архитектурата и градителството, архитектот Зорица Блажевска, е професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Творештвото на архитект Блажевска е длабоко посветено на архитектурата на домувањето со особен фокус на една од најчувствителните теми – архитектурата за третото животно доба.

Одлуката за доделување на наградата ја соопшти професор д-р Мишко Ралев, претседател на Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и архитект и декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.

Архитектот Зорица Блажевска дипломирала на Архитектонскиот факултет во Скопје, под менторство на професор Георги Константиновски (1971). Докторирала на тема „Повеќесемејната куќа во функција на хумано домување на старите лица во рамки на семејството“, под менторство на професор Георги Константиновски (1991), а била и негов асистент на Архитектонскиот факултет, соработник и рамноправен партнер во низа клучни дела. Таа е архитект, едукатор и истражувач.

– Зорица Блажевска работи во пресекот на практиката и теоријата, во сѐ потенката маргина на интелектуалноста на архитектонскиот проект, кој е сѐ потесен, но и сѐ посуштествен за генерирање на идеите на архитектурата. Со нејзиното дело таа подари низа иновативни и осмислени типолошки поместувања на архитектонските задачи – во Домот за нега „Сју Рајдер“ даде начини за хумано згуснување на просторот, додека во проектот за Домот за стари во Штип, нов периметарски концепт на еден урбан блок. Нејзината дејност, покрај материјален отпечаток, е и несебично споделување на знаењето и учењето на архитектурата – истакнуваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Врачувањето на наградата на Зорица Блажевска беше проследено со изложба на нејзини проекти, која во галеријата на МАНУ ќе биде поставена до 8 февруари.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот