Аргентинците и го срушија сонот за светска титула на Србија

Репрезентацијата на Аргентина е првиот полуфиналист на Светското првенство во кошарка кое се одржува во Кина. „Гаучосите“ со 97:87 ја совладаа фаворизираната Србија, која според многумина беше прв фаворит за титулата, и притоа ја оставија и без директен пласман на Олимписките игри во Токио идната година.

 

„Гаучосите“ им отчитаа вистинска лекција по модерна кошарка на српските репрезентативци, кои во последните два натпревари покажаа дека нивната игра има многу слабости и дека сè уште не се подготвени за освојување на кошаркарскиот Олимп. Ветеранот, 39-годишниот Луис Скола во поголем дел од натпреварот си поигруваше со помладите кошаркарски центри на Србија, Факундо Кампацо правеше тоа што сакаше на теренот, а притоа шутот одлично ги служеше „гаучосите“ и не претставува изненадување што ја елиминираа фаворизираната Србија.

Доминацијата на Аргентина беше прикажана и со тоа што и дозволија на Србија само четири пати да биде во водство, а последното беше на стартот од последната четвртина (70:68), но тоа беше се што сторија српските кошаркари.

Аргентинците победата ја најавија во последната четвртина кога направија серија од 19:6 и обезбедија двоцифрена предност. Мала надеж внесоа двете тројки на Богдан Богдановиќ на 80 секунди до крајот за 85:91, но „гаучосите“ со смирена игра и сигурна реализација, не дозволија неизвесна завршница.

Ветеранот Луис Скола со 20 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека Кампацо има учинок од 18 поени и 12 асистенции.

Кај Србија, прво име беше Богдановиќ со 21 постигнат поен, Бјелица даде 18 поени, додека Јокиќ сите 16 поени ги постигна во првото полувреме.
Противник на Аргентина во полуфиналето на Мундобаскетот ќе биде подобриот од четвртфиналниот дуел САД – Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот