Арапскиот филм „Син“: Каде се границите кога ќе се соочите со вашето его

„Син“, режија и сценарио: Мехди Барсауи, улоги: Сами Бујила, Најла Бен Абдала, Јусеф Кемири, фотографија: Антоан Хеберле, Тунис/Франција/Либан/Катар 2019

Арапскиот филм „Син“ се гледа во еден здив. Не само затоа што е добро направен, туку пред сè поради темата, поради таа вртоглава семејна драма која едноставно никого не може да не го допре. Кога ви се распаѓа светот додека се обидувате да го спасите најмилото, се создава таква тензија, таква психолошка, но и реална трка со времето, во која нема место за преиспитување, иако она што се случува е невозможно без тоа. Ова е една како оние познати ирански драми кои умеат со својот пресврт и откривањето на некои затскриени нешта, да погодат толку силно, да го извадат од нас она што најмалку очекуваме, но овде повеќе поради темата и начинот на кој го води филмот, отколку поради длабочината, која е карактеристична за тие неверојатни ирански филмови.

IMDB

„Син“ е дебитантски филм на тунискиот режисер Мехди Барсауи, кој ја имаше својата премиера на ланскиот Венециски филмски фестивал, каде што ја доби наградата на екуменското жири и наградата во програмата „Хоризонти“ за најдобрата машка улога на Сами Бујила, кој важи за еден од моментно најинтересните и најнадарени европски актери. „Син“ е приказна за љубовта, за семејството, за борбата за живот во текот на која на површина ќе излезат такви неочекувани работи кои на испит ставаат многу нешта. Фарес (Сами Бујила) и Мерием (Најла Бен Абдала) имаат солиден брак и вљубени се како и првиот ден, но кога нивниот 11-годишен син Азиз ќе биде погоден случајно од една исламистичка терористичка група, наеднаш работите ќе добијат сосем поинаков тек. На Азиз му е потребна итна трансплантација, но како да се спаси Азиз ако едниот всушност не му е биолошки родител.

Не е тоа некоја нова или оригинална приказна, сме виделе многу такви филмови, нема во него ништо што го издвојува, но она што Барсауи успева да го направи е да си поигра со границите што ги наметнуваат културата и општеството (и во поглед на трансплантацијата на органи, а и во поглед на машката улога во семејството), оние граници кои навидум ви се чинат невидливи, особено кога се работи за модерно семејство од средната класа, но кои наеднаш испливуваат кога нештата ќе бидат ставени на испит. Бидејќи, не можете да побегнете од себе, особено не тогаш кога сте соочени со она најскриеното, со она чувство на сопствениот идентитет што сакале или не го одредува нашата култура и нашето потекло. Како да се соочите со најголемиот страв, да жртвувате сè за детето иако биолошки не е ваше или да потонете во сопственото чувство на безвредност и его. Но, и на предавство, на нешто што најмалку сте го очекувале, на нешто кое во само еден миг ви го урива светот пред очите, светот кој не е онаков каков што сте го замислувале, каков што сте верувале, но тоа е вашиот свет, оној свет на кој му припаѓате и од кој не можете да се откажете, не тогаш кога животот зависи од вас.

IMDB

Барсауи, иако дебитант, успева да допре многу пошироко, да ги преиспита и правните и општествени, но секако и религиски прашања, без кои приказната и не би била целосна. Фарес одеднаш е исправен пред такви морални прашања, додека ги гледа оние злоупотребени деца со чии органи на големо се тргува, додека го слуша ветувањето, дека за одредена цена работите веќе утре можат да бидат исти??? Од друга страна, тука е болката, тука е тежината, тука е изневерувањето, тука е распадот на сето она што ви било свето и тука е она дете кое го сакате безмерно, без оглед на сè… Времето тече, вителот повлекува сè со себе и не ви дава ниту миг да се пронајдете самиот во сето тоа. Сосем неочекувано се соочувате со такви нешта од кои воопшто не знаете како да излезете, што е правилно, што е морално, како да се постапи, дали спасувањето на животот ги оправдува тие неверојатни постапки и одлуки, кои наеднаш за толку кратко време се исправаат пред вас.

Поради тоа младиот Барсауи, кој по вокација е и сценарист и монтажер, прави добар филм, бидејќи успева така да ги исцрта карактерите, успева да ве разгневи и да ве натера да се запрашате, што би сториле вие, дали ова е оправдано или не е и каде се навистина границите. Кои граници, дали љубовни, дали морални, дали општествени, дали лични, каде се границите, што е правилно, на кој начин да се соочите со неподносливото, на кој начин да му помогнете на детето кога и самиот не знаете како да се носите со сè, а згора на тоа да донесете одлуки од кои зависи животот. Се разбира, не само на детето. И тоа е големината на авторот, кој успева во можеби една ваква често употребувана тема да го најде аголот, да го најде вистинскиот ритам, да ја води атмосферата и динамиката на настаните на начин кој не ви дава мир, да ги долови тие неверојатно болни емотивни состојби и да направи исклучителни кадри кои зборуваат и со тишината. Бидејќи, тоа се прашања толку секојдневни, толку тешки и толку вистинити. Што би сториле?

Навистина, авторот се обидува да допре дури и премногу аспекти, па сепак, филмот се гледа во еден здив, особено и поради одличната глума на Бујила и Бен Абдала, чија болка, внатрешна борба, неизвесност и исчекување е исцртано на нивните лица. Тоа е неверојатна драма, дефинитивно еден од најдобрите арапски филмови во изминатата година, драма која ве изместува од место, не затоа што е нова, туку затоа што тој интензитет и таа борба се нешто кое погодува до сржта. А одлично Барсауи и ја завршува, бидејќи и да го спасите детето, не е спасено сè, прашањата и понатаму лебдат во воздухот и се испречени меѓу вас како ѕид чија тежина ја чувствувате во секој миг, а особено кога ќе ви се сретнат погледите… „Син“ е драма која го одзема здивот, не поради нешто невидено, туку поради нешто неподносливо, а да се долови тоа на вистинскиот начин бара навистина голем талент и умешност.

Сунчица Уневска/ФИЛМ +

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот