Апсењата не го разјаснија свирепото тројно убиство во Србија – петмина осомничени и многу мистерии
Иако петмина се приведени за убиството на тричленото семејство Ѓокиќ, и натаму не се знае кој точно е убиецот
Серијата апсења во врска со грозоморното убиство на тричленото семејство Ѓокиќ во близина на српскиот град Алексинац, не донесе веднаш и разјаснување на главните прашања поврзани со случајот, пишува Б-92.
Убиството на Горан Ѓокиќ, сопственик на менувачница во Алексинац, на неговата сопруга Гордана и ќерката Лидија, според досегашните сознанија извршено од користољубие, ја згрози јавноста не само во Србија, туку и во целиот регион. Тие, според истрагата, биле киднапирани или наведени да тргнат со убиецот, кој ги ограбил пред да им ги одземе животите, по што во нива го запалил автомобилот, а телата ги закопал во дупка и ги покрил со земја и гранки.
Случајот, кој предизвика големо внимание, по апсењата на роднини на убиениете и на двајца локални насилници, само уште повеќе се обви во мистерија, пишува српскиот портал.
Во моментов, според она што се случуваше и што го откри полицијата, не е ниту јасно дали информациите кои се пласираат во јавноста се кредибилни или се работи за полициска стратегија карактеристична при решавањето на тешките случаи.
Една од информациите кои ги соопшти полицијата е и онаа дека сите кои биле испрашани во врска со убиството, го поминале тестот на детектор на лаги. Со ова, велат полициски извори за Б-92, било постигнато дел од осомничените да се опуштат и да направат потези кои понатаму би ја индицирале или би ја докажале нивната вина.
За случајот досега се уапсени вкупно петмина, одреден е и притвор, а осомничените меѓусебно се обвинуваат за свирепото тројно убиство.
Минатата недела, прв беше уапсен Горан Џониќ, прв братучед на Ѓокиќ, кој бил близок со него, а како што соопшти полицијата, тоа му помогнало да го изврши убиството. Џониќ наводно бил снимен од безбедносна камера на бензинска пумпа кога го возел „Пасатот“ на убиените и ја наточил нафтата што му била потребна за да ги запали автомобилот и телата.
Медиумите објавија и морничава снимка од погребот на убиените членови на семејството Ѓокиќ, на која се гледа и осомничениот Џониќ, како присуствува на закопот.
Но, осомничениот Горан Џониќ обвини двајца браќа – познати насилници од неговото село, дека го натерале да го изврши злосторството. Џониќ тврди дека еден од браќата А.К. и М.К., познати под прекарот „Јојке“, и директно го извршил тројното убиство. Браќата се уапсени и се наоѓаат во притвор, но колку што е досега познато, полицијата против нив нема ниту еден доказ, освен исказот на Г.Џ.
За вмешаност во злосторството, претходно беа уапсени и синовите на Џониќ, М.Џ. и С.Џ., но полицијата не соопшти повеќе детали за нивната врска со убиството.
Во меѓувреме, се појавуваат информации за бизнисот на убиениот Горан Ѓокиќ, кои фрлаат ново светло врз убиството. Според извори во истрагата, дел од медиумите објавија дека тој позајмувал пари за висока камата од 20 до 30 отсто, а наводно клучниот доказ бил тефтер со список на должници, чија содржина може да го открие точниот мотив на убиецот или убијците.