Апсење што го „потресе“ регионот: „Зета тече тамо џе јој Брано рече!“

Поентата е да се испрати јасна порака дека во Црна Гора повеќе нема недопирливи и дека моќта не е таму каде што беше порано

Се вели дека моќта е таму каде што луѓето веруваат дека е, а во Црна Гора, овој Божиќ, јасно беше демонстрирано каде моќта повеќе нема да биде – со Бранислав Брана Миќуновиќ, сивата еминенција на сивата зона на Црна Гора. Регионот се изненади од веста дека црногорската полиција го уапсила Миќуновиќ во Будва. Причината била претрес и пронаоѓање оружје, а на Миќуновиќ му било наредено да биде задржан 72 часа.

Се разбира, причината не беше оружјето, дело за кое, инаку, ретко кога се изрекува минимална затворска казна, но поентата е да се испрати јасна порака дека во Црна Гора повеќе нема недопирливи и дека моќта не е таму каде што беше порано.

Миќуновиќ е човек кој прашувал за сè во црногорската држава – велат, од криминалот, до изборот на началници на полицијата, судии и обвинители – а сега, за првпат во неговата кариера, тој нема поддршка од државата. Уште од осумдесеттите години на минатиот век, кога, како што се тврди, ја „воспитувал“ емиграцијата по Европа за потребите на УДБА, преку „државниот“ шверц на цигари во 90-тите години на минатиот век, сè до промената на режимот на Мило Ѓукановиќ, Миќуновиќ никогаш не бил „чист криминалец“, како што многумина погрешно веруваат, туку човек кој отсекогаш бил во деловни односи со државата – според системот на услуги надвор од законот за услуги во законот.

„Војводинска врска“

Внимателните биографи на Миќуновиќ потсетуваат дека неговите први контакти со УДБА започнале во 1970-тите, кога од родниот Никшиќ отишол во Нови Сад за да студира економија. Таму се зближи со Ратко Буторовиќ, попознат како Бата Кан-Кан и со група други студенти од Црна Гора, кои многу брзо го ставиле бизнисот во главниот град на покраината под нивна контрола.

Набрзо започна дружењето со „жестоките момци“, кои беа поврзани со Службата за државна безбедност на поранешна СФРЈ, а меѓу кои и попознатите Ѓорѓе Божовиќ Гишка, Љубомир Магаш Земунац, Дарко Ашанин, Жељко Ражњатовиќ Аркан, Ратко Ѓокиќ, Драган Јоксовиќ Јоксо, Воислав Раичевиќ Американац и многу други.

Оттаму, Миќуновиќ заминува во Виена, каде со Гишка ја отвора компанијата „Слога“. Се занимаваат со обезбедување клубови, а никогаш потврдените приказни одат дотаму што, во замена за одработување „државни работи“, добиваат лажни документи на СФРЈ и амнестија за разбојништвата низ Европа и за „мајмунисувањата“ низ Југославија. Од тоа време доаѓа поврзаноста на неговото име со убиството на Стјепан Ѓурековиќ, пребеганиот директор на хрватска ИНА, што никогаш не беше официјално потврдено, дури ни во судската постапка што заврши пред неколку години во Германија.

Со распадот на Југославија, сите „жестоки момци“ се вратија да учествуваат во конфликтите, но Миќуновиќ беше еден од ретките кој немаше своја паравоена единица. На погребот на својот кум Ѓорѓе Божовиќ Гишка, Миќуновиќ изјави дека баш тие денови се подготвувал да дојде на бојното поле со 20 Црногорци.

 

Ништо без политика

Наместо тоа, тој одлучи да остане во Црна Гора, каде што на власт дојде неговиот пријател од младоста од родниот Никшиќ – младиот лав Мило Ѓукановиќ. Му помогна и фактот што во тие денови Црна Гора започна да го полни државниот буџет од шверц на цигари од Италија, рута што пред години ја разви УДБА. Со текот на годините, државната дејност стана приватна, а Миќуновиќ, заедно со Ѓукановиќ, се најдоа на обвинението на италијанското обвинителство, кое заврши неславно, со ослободителна пресуда.

Политички, го следеше Ѓукановиќ до денес. Во 90-тите години, го организираше обезбедузњето за Зоран Ѓинѓиќ и другите опозициски лидери кои бараа засолниште во Црна Гора, а новинарот Шеки Радончиќ во книгата „Зад маската: Тајни војни во тајната полиција“ пишуваше за подготовките на Микуновиќ за „акции за одмазда око за око, заб за заб“ во самиот Белград.

„Беше планиран удар на самиот врв – атентат врз Милошевиќ, со помош на силното црногорско подземје во Белград. Епилогот е дека имаше ѕвечкање со оружјето на двете страни, но Милошевиќ не издал команда за напад“, напиша Радончиќ.

Во затвор последен пат престојуваше во октомври 2000 година под сомнение дека убил човек пред Клиничкиот центар во Подгорица. Лицето претходно било рането во бар под контрола на Миќуновиќ. Тој наводно организирал помирување на две лица од криминалното милје, но тие се скарале, извадиле пиштоли и пукале еден кон друг. „Тие не го почитуваа Брана“, па тој отиде со автомобил пред Клиничкиот центар и застрела еден од ранетите кој бил донесен со брзата помош. На крајот, злосторството не беше докажано, сведоците ги сменија изјавите, а доказите исчезнаа од полициското депо.

Во следните години, Микуновиќ легализирал поголем дел од парите за кои се тврди дека доаѓаат од сивата зона. Имаше значителна помош од „Првата банка“, во сопственост на Аца Ѓукановиќ, која му одобруваше кредити, но и од членови на Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ, кои со своите локални советнички гласови ги легализираа неговите објекти во Будва.

Неговиот примарен фокус беа недвижнините, но и казината. Во Црна Гора се вели дека „кој и да се коцка, победува Брано“.

Пад од високо

Од контактите со подземјето не се откажа. По избувнувањето на аферата „Балкански воин“, во која беа запленети неколку тони кокаин, италијанското обвинителство објави дека кланот на Дарко Шариќ ја користел удбашката инфраструктура за транзит на цигари создадена во 90-тите години за трговија со дрога. Главниот обвинет во аферата „Балкански воин“, Дарко Шариќ, наводно, имал блиски односи со Брана Миќуновиќ. Ова беше објавено на судењето во Белград. Сепак, на инсистирање на одбраната, името на Микуновиќ беше затемнето.

Подоцна се покажа дека Миќуновиќ преговарал со Родољуб Миловиќ, тогашен шеф на криминалистичката полиција, за предавање на Шариќ во замена за десет години затвор. До денес останува нејасно по чиј налог Миловиќ преговарал со Миќуновиќ.

По распадот на Шариќевиот клан и распаѓањето на нивните наследници од Котор, Миќуновиќ, наводно, бил поблизок со Кавачкиот клан.

Можеби таа блискост е и можната причина за заканите на „кланот Кавач“ кон Дритан Абазовиќ, за кого се претпоставува дека имал храброст да му испрати порака за крајот на недопирливоста на Миќуновиќ. Црногорскиот „Монитор“ објави дека „кавчанците“ наводно му рекле на Абазовиќ дека ќе се сретнат „на еден или на друг начин“.

Деновиве, за првпат откако стапи во договорен однос со властите на СФРЈ, Миќуновиќ нема поддршка од државата. Со самото тоа, аурата на недопирливост згаснува, иако е јасно дека финансиската и секоја друга моќ на Миќуновиќ останува. Но, во земји како Црна Гора или Србија тоа не значи ништо, ако државата се сврти на друга страна, без оглед на тоа што гласно се велеше: „Зета тече тамо џе јој Брано рече“.


Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (16-17 јануари 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од „Недељник“ (БЕЛГРАД) со претходна дозвола од издавачот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот