Апел од шпанската Влада: Жителите на Мадрид да го ограничат движењето

Родители со своите деца на првиот училишен ден во Мадрид, Шпанија/ Фото: ЕPA-EFE/JJ Guillen

Шпанскиот министер за здравство денеска ги повика сите граѓани на Мадрид да ги ограничат своите движења и контакти и да ги сведат само на „неопходните” со цел да се запре ширењето на епидемијата Ковид-19, ден по влегувањето во сила на строгите ограничувања во дел од регионот на Мадрид.

Министерот Салвадор Илја за Радио Кадена Сер изјави дека ситуацијата е најзагрижувачка во Мадрид.

Од вчера и во следните две недели, близу еден милион жители на шпанската престолнина и нејзината периферија повторно се под строги ограничувања на движењето.

Повеќе од 850 000 луѓе од населението, од 6,6 милиони во целиот регион, се погодени. Забрането им е да го напуштат своето соседство, освен од неколку прецизни причини, да одат на работа, на настава, на лекар, да одговорат на судска покана или да се грижат за лица кои се зависни од нив. Тие можат да се движат во својот кварт и не се принудени да останат во домовите.

Шефицата на регионалната влада на Мадрид Изабел Дијаз Ајусо изјави денеска дека нејзината влада планира да ги прошири ограничувањата и на други зони во регионот.

– Ќе сториме се што е потребно за да се запре вирусот, но сакаме прво да видиме како тоа функционира во зоните кадешто се воведени ограничувања, каде што ќе почнеме да гледаме резултати за неколку недели. Додека чекаме, размислуваме каде да примениме други ограничувања, рече таа за Радио Кадена Сер.

Инаку, таа вчера побара помош од војската за борба против зголеменото ширење на коронавирусот во и околу главенниот град на Шпанија. Локалните власти во Мадрид наредија делумен карантин во некои посиромашни области предизвикувајќи протести за време на викендот.

– Потребна ни е помош од армијата за дезинфекција и за зајакнување на локалната полиција и спроведување на законот, рече Дијаз Ајусо. Таа исто така побара да се обноват импровизираните болници во Мадрид.

Пред околу три месеци, тие беа отстранети кога Шпанија излезе од строг карантин по намалувањето на бројот на новозаразени. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот