Апел до пратениците во Собрание да ја изгласаат забраната за увоз на отпад кој се согорува

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

– Научните истражувања потврдуваат дека луѓето кои живеат во близина на места каде се согорува отпад имаат зголемена смртност од канцер, реагираат од О2. 

На денешната седница во Собрание под точка 19 на дневниот ред е Предлог-измената на Законот за управување со отпад, по скратена постапка. Со измената нема да се дозволи увоз на отпад кој може да се користи како извор на енергија, односно да се согорува. Ова е воедно и едно од барањата на Зелен Фронт.

Главниот корисник на увезен отпад кој се согорува е цементара Усје, но тука е и Фени, како големи индустрии кои легално го користат.

Од О2 Иницијатива велат дека при согорување на отпад се ослободуваат канцерогени, мутагени, токсични диоксини, фурани, PCBs, хлороводороди, тешки метали како жива, кадмиум, талиум, олово, арсен, хром…

– Научните истражувања потврдуваат дека луѓето кои живеат во близина на места каде се согорува отпад имаат зголемена смртност од канцер, реагираат од О2.

„Последните случувања во Бугарија само ја потврдија основата зошто бараме забрана за увоз на отпад како извор на енергија. Организирани криминални структури вршат трговија со отпад каде се фалсификуваат податоци, лабораториски вредности, тоа што е декларирано не соодветсвува со тоа што е внатре во спакуваните бали, има измешано опасен отпад, медицински отпад, отпадот се остава на несоодветни места, итн. Италијанската мафија оперира во Балканските земји со трговијата со отпад. Сите истраги и запленувања на отпад се случуваат во ЕУ членки, што само укажува на големината на проблемот и ранливоста на нашата држава со немање на соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории, судски постапки со кои би се заштитила“, реагираат од О2 Иницијатива.

Од таму како позитивен пример го посочуваат затворањето на цементарата во Трбовље, Словенија.

„Аргументите дека треба да им веруваме на индустриите кои презентираат нивни мерења на емисии на загадувачки супстанции, ги побива примерот со случајот во Словенија, повторно ЕУ членка, каде после 10 годишна борба се затворила цементарата во Трбовље, која како гориво користела меѓу другото и петрол кокс и отпад, исто како и нашата цементара. Цементарата во Трбовље ги штелувала вредностите на емисиите, дури и ги бришела, кога биле повисоки од дозволеното. Регионот Засавје во Словенија, каде е цементарата, има највисока стапка на заболени од канцер. Активистот за долгогодишната борба ја добил Голдмановата награда за животна средина за неговата заложба на организирање на локалното население во одбарана на човековото право да дише чист воздух“, посочуваат од организацијата.

Од таму предупредуваат дека во Италија помеѓу јануари 2017 и мај 2018 извршени се 54 истраги за организирана илегална трговија со отпад, каде нашле дека повеќе од 4.5 милиони тони на токсични супстанции не биле соодветно декларирани како опасен отпад. Ова е профитабилен бизнис за италијанската мафија. Се наведува дека наместо да платат 60.000 евра за легално одлагање на еден контејнер од 15.000 тони на опасен отпад, тие за само 5.000 евра го одлагаат нелегално во Источна Европа или Азија. Во најголем дел од Европа, брокерите им плаќаат на цементните фабрики стотици евра по тон на отпад кој потоа се согорува, но цементните фабрики во Романија и другите земји во Балканот го прават тоа по многу пониски цени, за само 10 до 50 евра по тон.

„Ниту имаме контрола на отпадот кој го увезуваме, не знаеме што точно ни влегува во земјата, ниту пак знаеме што и во која количина се ослободува при негово согорување. Од сиве наведени причини, каде нашето здравје мора да биде пред сè, апелираме до пратениците кои се нашиот глас, гласот на народот во Собрание да ја изгласаата предлог-измената на Законот за управување со отпад со кој ќе се забрани увозот на отпад кој се согорува во нашата земја“, апелираат од О2 Иницијатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот