Апеирокалиа

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Сите појавни форми на малограѓанскиот недостиг од вкус за убаво и за уметнички вредно со својата плиткоидејност, трендовско лакејство и етнонационална зачауреност го влечат не само нашиот град, туку и нашата државотворна и национална супстанција во пропаст.

Сведоци сме на тажно и грдо време. Време на религиозни неверници. Време на академска проституција. Време на криминализирана политика. Време на масовна беда, материјална и духовна. Време на масовен и „нормален“ неморал. Време на фашизоидна исклучивост, мизантропија и ксенофобија. Време на доминација на богатите кавгаџии и криминалци од редовите на крупната и ситна буржоазија. Време во кое светот е цврсто поставен на еднонасочни шини и се движи кон провалијата.

Во тој ветерничав, несигурен, свет малкумина се способни да гледаат и да согледаат, а и од нив големото мнозинство опортунистички помирливо – молчи. Само едно мало малцинство, составено од оние кои некогаш благонаклоно ги нарекуваат скептици, филозофи, просветители, утописти, фантазери, опозиционери, револуционери, а некогаш навредливо разбојници, рушители, десперадоси, еретици, пагани, значи единствено тие сенешто зборуваат, се бунат, критикуваат, бараат правда, смртно ја љубат вистината, се борат за достоинството на сите луѓе, изразуваат секојдневно незадоволство од „најубавиот и безалтернативниот капиталистички свет“ и се обидуваат да организираат некакви акции за промени.

Триумф на кичот

Но, најзагрижувачки е што огромното мнозинство воопшто не гледа дека овој несреќен свет е неправедно поделен на две класи: богати и сиромашни, и дека од тој очигледен и непореклив факт, од праисторијата до денес, произлегуваат сите проблеми и несреќи на човештвото – од војните и масовните помори од глад до еколошката пропаст на планетата.

Паринтетички кажано, посебен чин во оваа голема и крајно трагична претстава на човековата егзистенција низ времето е – културата. Нашата, пак, градска култура не само што е една микроскопска раска од тој чин, туку е една ситна и неинвентивна провинцијална комедија дел арте. Последните диви триесетина години како последица на процутот на потрошувачка култура, кичот доживеа триумф, а забрзано пропаѓаше голем дел од нашето значајно културното и природното наследство, пропаѓаше култивираниот литературен јазичен израз, се деформираше урбанизмот и градската архитектура, до тартарски длабочини опадна музичкиот и уметничкиот квалитет.

Всушност, долгогодишното фаворизирање на фискултуризацијата на општеството во нашиот град како логична грда последица имаше создавање малограѓанска културна свест во која културниот живот стана фамилијарен, опскурен, лажно елитистички и речиси без никаков одглас во јавниот медиумски простор. Културата беше претворена во обичен кичерај, најчесто финансиран од државната или од градската каса.

Цела една војска од ситни градски престапници, кавгаџии и кабадахии, секојдневно низ медиумите бесрамно ни се претставуваат како општествени и политички фактори, а орда од неталентирани, полуписмени и неспособни полуинтелектуалци, полуписатели, полуглумци, полумузичари и полууметници го окупираат културниот простор, па токму поради сето тоа вистинските признанија и награди за мачно одработените научни монографии, концерти, уметнички изложби, театарски претстави се или сосема ретки, или воопшто ги нема. Кичот царува, па затоа небото е секогаш бистро сино, птиците милозливо пеат, гласот на пејачите е секогаш ангелски, љубовта е безгрешна, Господ е праведен…, а лажно позлатените орнаменти и украси стануваат врвна креација. Така, всушност, ние ужаснато можеме да ја сведочиме мортификацијата на естетиката, на културата како најцелосно изразување на она што е човечно и убаво, на уметничкиот вкус.

Пропаст на националната супстанца

Вистинските научни и културни творци се непрепознаени, игнорирани и занемарени. И додека никој не го забележува белкантото од виртуозно пеење и музицирање, никој не ја забележува урбаната еуморфија што ни е оставена во наследство од нашите неимари од втората половина на минатиот век, значи истовремено со тој естетски пад, нашите градски политички аналфабети и самобендисаните необразовани малограѓани, заслепени од набилданите светликаво мрсни мускули, од лажливиот сјај на барокниот кич, како врвна културна вредност ни ги пропагираат просечните пејачи на забавни и народни песни, лошите глумци кои лудачки врескаат на сцената, лажните сликари што цртаат петпарачки икони, потпросечните вајари кои градат грди и безлични споменици, полуписмените квазиписатели, квазипоети, квазисоциолози, квазиисторичари и останати квазинаучници. Впрочем, нималку случајно, умниот Лав Николаевич Толстој вистинито запишал: „Уметноста која има за цел да ја забавува богатата класа не само што личи на проституција, туку таа не е ништо друго освен проституција“.

Треба сите тие „културни“ претстави, сета таа масовна апеирокалија, сите појавни форми на малограѓанскиот недостиг од вкус за убаво и за уметнички вредно, да се запишат и детално да се опишат, да се фотографираат и документираат, за да може јасно да се издвојат од неправедната и бедна позадина на стварноста. Бидејќи сами по себе се грандиозно медиокритетски и вандалски, а со својата плиткоидејност, трендовско лакејство и етнонационална зачауреност го влечат не само нашиот град, туку и нашата државотворна и национална супстанца во пропаст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот