Апасиев го обвини Џафери за некоректно менаџирање со „пратеничките прашања“

фото Архива

Од понеделник во Собранието повторно ќе стартува процесот Жан Моне. На маса ќе се најдат предлозите и барањата за измени во Деловникот на власта и на опозицијата за поуспешно функционирање на законодавниот дом.

Опозицијата бара, наместо еднаш, да има двапати месечно пратенички прашања, но и да се изнајде и решение сите опозициски пратеници подеднакво да можат да ги прашуваат министрите.

Пратеникот на Левица Димитар Апасиев и спикерот Талат Џафери денеска си разменија остри тонови на оваа тема. Апасиев го обвини спикерот за некоректно менаџирање со институтот „пратенички прашања“.

Според Апасиев членот 40, став два во Деловникот упатува на договор со координаторите на пратеничките групи за соодносот на поставување на пратенички прашања 2:1, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата и Алтернатива и на пратениците во опозицијата кои не се организирани во пратенички група, Левица.

Во првата „тројка“ на пратеници кои поставуваат прашања има по еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, и Алијансата како опозиција и еден од власта, СДСМ. Апасиев смета дека во втората „тројка“ треба да има пратеник на Левица.

-На секоја седница треба да поставуваме прашање, а не како сега, преку една или две седници. Последните пратенички прашања Алијанса на Албанците и Алтернатива направија скандал, кога сите 12 пратеници излегоа на говорница. Сега тие се втори за поставување на пратенички прашања. Вие не упативте на Никола Мицевски. Мене Мицевски не ми е ниту родител, ниту старател, за да морам да постигнам договор. Нема договор. Тој ги фаворизира своите пратеници. Ние вака, целиот мандат не ќе може да поставиме пратеничко прашања. Со тоа ни го ускратувате нашето уставно право. Дајте џентлменски да го решиме овој проблем. Значи во втората „тројка“ од 4 -то до 6-то место секогаш да има пратеник од Левица, а дали тоа ќе биде Борис, Апасиев или утре ако има други, ќе се договараме. Верувам дека не треба да направиме скандал за да бидеме сфатени сериозно, рече Апасиев.

Според спикерот Џафери, Деловникот не е само член 40 став 2, туку и другите норми кои укажуваат на застапеноста на пратениците во Собранието. Според него ако Левица се раководи според тој однос треба да има во предвид дека ВМРО-ДПМНЕ како коалиција има 44 пратеници, Алијанса и Алтернатива 12 пратеници, а Левица само двајца пратеници.

-При поставувањето на пратенички прашања треба да се води сметка за соодносот во пропорционалната застапеност. Цитирате само дел од Деловникот кој ви оди во полза. Членот 40, ставот 2, упатува и дека треба се координирате со координаторите на пратеничките групи. Не случајно ве повикувам на редовните координации на кои не доаѓате. Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, кој втор постави пратеничко прашање, не е резултат на скандалот. Како опозициски пратеници седнете и договорете се, исто како што се договора мнозинството. Од понеделник ќе го продолжиме процесот Жан Моне. Овие прашања ќе бидат предмет на регулација во Деловникот. Можеме заедно да се договориме за ново решение, на пример да имаме по два часа пратенички прашања пред секоја седница, како што беше од 2002 до 2008 г. Можеме и да се модифицира постоечкото решенние. Ако мислите дека скандалот е решение, јас не можам да ве спречам. Но, не ве упатувам на скандал, бидејќи сум претседател на Собрание, туку ќе ве упатам на почитување на моменталното решение во Деловникот. Не ве упатувам на колиција туку само да направиме заеднички напори во опозицијата, за да направиме редослед со кој сите ќе бидете задоволни, рече Џафери.

Во собраниското мнозинство најавуваат дека во процесот Жан Моне ќе го отворат и прашањето за онлајн собрание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот