АП: Дали Русите ги плаќале талибанците за убивање на Американци?

Фото Архива на СП

Врвот на Белата куќа бил запознаен уште на почетокот на 2019 година со строго доверлив извештај на американските разузнавачки служби во кои се тврди дека Русија ги плаќала талибанците за убиство на Американци.

Агенцијата АП известува дека врховните функционери во Белата куќа знаеле за овој извештај една година порано отколку што се сметаше првично, пренесува Танјуг.

Осум конгресмени од двете најголеми политички партии во САД присуствувале на состанок во Белата куќа заради вознемирувачките тврдења на разузнавачките служби во кои се наведувало дека Русија тајно ги плаќала талибанците и нивните соработници за да ги убиваат припадниците на американските вооружени сили во Авганистан.

Од Белата куќа тврдат дека претседателот Доналд Трамп не бил запознаен со сите детали од овие извештаи.

Американските конгресмени побарале дополнителни информации и заземале став дека Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин мораат да сносат последици.

Невообичаени стандарди

Набљудувачите укажуваат дека Белата куќа наеднаш вовела невообичаени, високи стандарди за информации кои ќе бидат или нема да бидат претставени на претседателот на САД, бидејќи ретко кога се случувало разузнавачките податоци во целост да бидат потврдени и ставени на увид пред претседателот или неговите најблиски соработници без ниту еден сомнеж во нивната веродостојност.

Бившиот советник на Трамп за национална сигурност, Џон Болтон тврди дека информациите за руското наградување на талибанските убиства на Американци биле претставени пред претседателот, како и дека тој лично го запознал претседателот со овие наоди на разузнавачките служби.

Демократскиот кандидат за претстојните претседателски избори Џо Бајден во понеделникот го обвинил својот политички ривал Доналд Трамп за време на еден донаторски собир дека ги предал американските трупи.

„Згрозен сум. Дали некој можеше да помисли дека врховниот командант на вооружените сили на САД ќе се прави дека не гледа вакво нешто“, рекол Бајден.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков во понеделникот изјавил дека наводите на американските разузнавачки служби се „лага“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот