Антонио Тајани за „Слободен печат“: 2030 година не е невозможен датум да се приклучите кон ЕУ

Антонио Тајани/ Фото: Амбасада на Италија

Европскиот пат се базира на заслуги. Го поддржуваме влезот на сите земји од Западен Балкан, во согласност со препораките на Европската комисија, која постојано го следи напредокот на реформите во секоја земја, а со тоа и усогласувањето со законодавството на ЕУ. Истовремено, секоја земја е одговорна за своите реформи, а не за оние на соседните земји, вели вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија Антонио Тајани во интервју за „Слободен печат“ пред денешната посета на Македонија.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, е прв mинистер за надворешни работи од земја членка на ЕУ кој ќе ја посети Република Северна Македонија по составувањето на новата влада, потврдувајќи го силниот интерес на Италија за регионот и желбата за европска интеграција на земјата. За време на денешниот престој во Скопје тој ќе се сретне со министерот за надворешни работи и меѓународна трговија Тимчо Муцунски, со премиерот Христијан Мицкоски, со претседателот на Парламентот Африм Гаши и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Политичар со големо искуство во Италија и на европско ниво (неколку пати беше пратеник во италијанскиот парламент, министер, вицепретседател и член на Европската комисија, член и претседател на Европскиот парламент), Тајани е и национален секретар и лидер на Форца Италија, партија основана од Силвио Берлускони, дел од ЕПП, каде што е потпретседател.

Министре Тајани, по последните избори во Франција и покраинските избори во Германија се чини дека претстои прекројување на политичкиот амбиент во Европа. Што ќе значи според вас јакнењето (особено) на екстремната десница и дали се оправдани стравувањата на европските граѓани?

– Францускиот и германскиот народ демократски изразиja желба за промени. Барањата за промени не треба да предизвикуваат страв, тие се дел од политиката. Вистина е дека постои присуство на екстремната десница во Германија, но исто така е вистина дека ЦДУ се држи и продолжува да биде референтна точка за умерените. Ако се прашуваме за политичката иднина на Европа, прво мора да ги погледнеме резултатите на минатите избори кои се одржаа во јуни. Со победата на Европската народна партија, граѓаните побараа уште посилна, обединета и солидарна Европа.

Ќе има ли таквиот распоред на силите влијание врз политиката на ЕУ кон двете војни што се водат во моментов – во Украина и на Блискиот Исток?

– Позицијата на ЕУ во врска со воените случувања, како и за други меѓународни прашања, е резултат на заеднички договор меѓу земјите-членки. Европа која зборува со еден глас е несомнено Европа која повеќе се уважува на меѓународната сцена. Како министер за надворешни работи ќе продолжам да работам за да се осигурам дека тоа ќе биде така. Само преку соработка рамо до рамо со партнерите од ЕУ и обезбедување на блиска координација ќе бидеме во можност заедно да се соочиме со геополитичките предизвици на нашето време.

Според вас, кои се решенијата за двете жаришта?

– Ова се сложени сценарија кои постојано се менуваат. Патот кон намалување на меѓународните тензии не е лесен, но ние постојано работиме на тоа. Сакавме да ја ставиме нашата посветеност на мирот во центарот на приоритетите на нашето Претседателство со Г-7. Заедно со нашите партнери, повикуваме на итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници и пристап на хуманитарна помош за да се ублажи страдањето на цивилното население. Италијанската дипломатија е постојано посветена на промовирање на дијалог кој ќе овозможи да се спречи спиралата на насилство на Блискиот Исток. За Украина, нашата позиција е многу јасна: Италија цврсто го поддржува територијалниот интегритет, целосниот суверенитет и независноста на Киев. Ги поддржуваме преговарачките напори кои можат да доведат до праведен мир со целосна согласност на Украина и ние сме за вклучување на кој било глобален соговорник кој може да игра конструктивна улога во корист на мирот.

Кога зборуваме за Украина, мислите ли дека земјата е подготвена за преговорите со ЕУ, особено ако се земат предвид и ако се прави споредба со земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија кои долго чекаат пред портите на Брисел?

– Италија целосно го поддржува европскиот пат на Украина и активно придонесе за одлуката донесена од страна на Европскиот совет во декември 2023 година за отворање на преговорите со Киев за пристапување кон ЕУ. Ова не значи дека италијанската влада не обрнува најголемо внимание исто така и на европските интеграции на Балканот. Моите чести средби со балканските колеги и моите мисии во Западниот Балкан, како што е денешната во Република Северна Македонија, сведочат токму за постојаната посветеност на италијанската влада за промовирање на патот на стабилност, просперитет и европска интеграција во регионот.

Пред два месеца изјавивте дека Западен Балкан треба да се приклучи на ЕУ пред Украина и тоа пред 2030 година, ама тоа изгледа малку веројатно. Како да се „ослободи“ Македонија од блокадите од Бугарија? Поддржувате ли репреговарање на Преговарачката рамка, како што бара нашата Влада?

– Ова не е невозможен датум. Земјите од Западен Балкан имаат капацитет да го комплетираат овој пат, кој останува базиран на заслуги, до 2030 година. Ова е значителен напор, кој не треба да се потценува, и сите ние мора да докажеме дека сме на висината на задачата: ако сите го направиме својот дел, 2030 година е цел на наш дофат. Што се однесува до Италија, ние остануваме посветени да бидеме покрај Република Северна Македонија: ние ќе продолжиме да обезбедуваме помош и на политичко и на техничко ниво на патот кон полноправно членство во ЕУ.

Можно ли е раздвојување на Македонија и Албанија на европскиот пат и кој е вашиот став за тоа?

– Европскиот пат се базира на заслуги. Го поддржуваме влезот на сите земји од Западен Балкан, во согласност со препораките на Европската комисија, која постојано го следи напредокот на реформите во секоја земја, а со тоа и усогласувањето со законодавството на ЕУ. Истовремено, секоја земја е одговорна за своите реформи, а не за оние на соседните земји. Следното ажурирање ќе ни биде доставено од страна на Комисијата на есен и ќе ни овозможи да разбереме како најдобро да ѝ помогнеме на Република Северна Македонија да продолжи напред брзо и без понатамошно одложување кон пристапувањето.

Пред извесно време беше најавено дека Италија ќе гради бегалски камп во Албанија за стотици бегалци. Зошто токму во Албанија?

Италија и Албанија имаат солидно стратешко партнерство, засновано на традиционалните политички, културни, економски и социјални врски и на нашето заедничко членство во НАТО алијансата. Италијанско-албанскиот протокол е дел од пошироката и поконсолидирана соработка во областа на правдата меѓу Италија и Албанија. Нашата цел е да се бориме против трговијата со луѓе и да им овозможиме на оние кои имаат право на меѓународна заштита да влезат на европска територија, во согласност со меѓународното, европското и хуманитарното право. Во ова делување, од суштинско значење е да се вклучат и земјите кои не се членки на ЕУ. Плодната соработка со Тирана по ова прашање е уште еден одлучувачки чекор во зајакнувањето на односите меѓу нашите две земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот