Антонио Милошоски е на потег

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Секој почетник во сферата на односите со јавност ќе ви каже дека, до сега, г. Антонио Милошоски требаше барем три пати да излезе и јавно да ги демантира тврдењата, шпекулациите и алузиите, кои непрестано се повторуваат во Македонија и во Бугарија, дека поседува бугарски пасош. Тоа е неопходно не само затоа што претседава со Комисијата за надворешна политика во Собранието, а е член и на Комисијата за европски прашања, туку и бидејќи е еден од најгласните критичари на политиката на Македонската влада во однос на бугарското евро-интеграциско вето за нас.

Доколку нема бугарско државјанство – нема. Доколку, пак, има, тоа може да се претвори во прилично неодржлива ситуација за неговата партиска и собраниска позиција. За политичките компликации не треба дополнително ни да аргументираме, бидејќи е елементарна непристојност некој кој, доброволно пријавувајќи го своето бугарско потекло („корени“, како што велат соседите од Исток) овдека многу гласно и ангажирано да ја критикува власта која се обидува токму на „употребата“ и на таа бугарска политика, меѓу другото, да се темели ветирањето на патот кон ЕУ.

Бидејќи, не е важно дали граѓанинот Милошоски се чувствува како Бугарин, туку е важно дали пратеникот Милошоски, поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија и сегашниот министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ (тоа е таа функција „во сенка“, кога ја предводите собраниската Комисија за надворешна политика) се чувствува како Бугарин. Во зависност од содржината на демантот на г. Милошоски ќе зависи одржливоста на неговата натамошна политичка кариера во форматот и на темите за кои самиот инсистира да говори.

Впрочем, добар е ставот на колегата Горан Михајловски кој во својата последна колумна е последниот во низата од оние кои бараат сите пратеници, а и политичари, јавно да ги декларираат своите двојни (можеби и тројни?) државјанства што ги поседуваат. Во Македонија не е забрането – напротив, за мала земја како нашата, мислам дека е и логично, а и пожелно кој сака и кој може да има и друго државјанство, заради разни практични и семејни причини – но транспарентноста на тие статуси е неопходна кога се работи за избрани или именувани функционери. Како што треба да имаме транспарентен увид во каталогот на сопственост на фунцкионерите и на динамиката со која се збогатуваат (или осиромашуваат) за време на извршувањето на своите функции (што е одамна уредено со закон), не е помалку важно јавноста да знае кој од нив поседува други (и чии) државјанства, особено кога извршуваат функции кои имаат внатрешни и надворешни импликации (не само политички, често и легални) што одат со отчетноста на таквите позиции.

Конечно, за нашите државни и партиски функционери секојдневно се лиферуваат разно-разни (дис)квалификации, лажни вести, оспорувања, навреди, клевети и фантастични шпекулации што придонесуваат за општо тривијализирање на довербата во општеството, без што нема добра демократија. Ако, во случајов, сето тоа може ефикасно да се спречи со еден обичен демант, зошто тоа да не се направи?

Антонио Милошоски е на потег. А, по него, и другите пратеници, за почеток.

Преземено од ЦивилМедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот