Антониа Гиговска се огласи: Не сакам да бидам дел од манифестации поврзани со политика

Антониа Гиговска Владо Јаневски
Фото: Фејсбук

Македонската поп-пејачка Антониа Гиговска го откажа својот настап на Мировниот фестивал, посветен на 21-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Имено, таа беше најавена како една од неколкуте домашни и странски музички ѕвезди кои ќе настапат на 13 август на плоштадот Скендербег.

Пејачката се огласи со објава на социјалната мрежа Фејсбук, каде објасни дека не сака да биде дел од манифестации поврзани со политика.

„За мене е одговорен менаџерски тим кој прифати ангажман за кој ниту јас, ниту тие знаеле дека има или би имало политичка конотација, па оттаму бев приморана да го откажам својот ангажман, се разбира со секоја почит према организаторот и према било која политичка страна.

Јас не сакам да бидам дел од манифестации поврзани со политика, ниту некогаш ќе бидам.

Мојата работа е да правам музика и на фановите да им го дадам најдоброто од мене.

Ги замолувам сите портали да не даваат лажни изјави.

Навистина нема потреба да ми правите непријатели со тоа што ќе испревртувате мои зборови и нешто што лично јас сум дала како изјава иако воопшто не сум ни морала да одговорам на било каква порака или повик од истите“, напиша младата пејачка на нејзината официјална страница на Фејсбук.

Министерството за политички систем, кое е организатор на фестивалот, го најави пејачот Владо Јаневски како замена за Антониа Гиговска.

„Првото издание на фестивалот, кој се стреми да стане традиционален, ќе се одржи на плоштадот Скендербег во Скопје со настап на познати музички звезди, меѓу кои и Владо Јаневски“, најавија оттаму.

Видео на денот