„Антолог“ промовираше книга од новинарката Весна Дамчевска

Издавачката куќа „Антолог“ ја промовираше книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња (културолошки ставови и искуства)“ од новинарката и уредничка Весна Дамчевска. Промоцијата се одржа на 14 јуни во МКЦ, а промотор беше познатиот македонски писател и професор Александар Прокопиев.

Книгата на Дамчевска содржи избор од осумдесетина авторски колумни пишувани во последниве десетина години и објавувани, главно, во рубриката „Наш став“, но и на страниците за култура и прилогот „Лик“ во дневниот весник „Нова Македонија“. Преобјавени се хронолошки, од најновите кон најстарите, заради подобро разбирање некои теми што се поврзани со одредени настани и поводи. Книгата на посреден начин е своевиден водич за тоа како може да се живее и мисли во „интересни времиња“ и како да гледаме подалеку од очигледното.

– Во фокусот на авторскиот интерес на Весна Дамчевска се процесите во современата култура, продукциските, консумеристичките, естетичките и политичките аспекти на културата, феминизмот и антифеминизмот, естетиката на рецепцијата, манифестациите и калкулациите со поимите на популарното, убавото/неубавото… Иако темите опфатени во книгата се однесуваат на невеселата сегашност, таа не форсира одреден поглед на светот, но испраќа порака зошто уметноста и културата, како документи на една временска епоха, треба да се сфатат сериозно.

Весна Дамчевска и Александар Прокопиев

Насловот на книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ (преземен од еден од вклучените текстови во книгата, а по повод темата на 58. Венециско биенале на уметност) е алузија на познатата англиска фраза, долго време погрешно цитирана како стара кинеска клетва, која се однесува на периодите на несигурност, кризи и превирања, на лажни вести и уништени вредности, на „интересните времиња“ какви што се овие што ги живееме денес – истакнува промоторот Александар Прокопиев.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 85, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-20 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот