Авторка на сликовницата е Надијка Гербиш

„Антолог“ објави книжевен превод на дело за универзалните вредности на добрината, солидарноста и заедништвото

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“, го објави македонскиот превод на сликовницата „Си беше еднаш на Божиќ“ од украинската писателка Надијка Гербиш, илустрирана од Јулија Пилипчатина, во превод на македонски јазик на Вера Чорниј-Мешкова.

Станува збор за дело кое на топол и суптилен начин го носи вистинскиот дух на Божиќ и универзалните вредности на добрината, солидарноста и заедништвото.

Книгата претставува прекрасна и топла бајка во која живее вистинскиот дух на еден од најголемите христијански празници. Семејството ежиња – таткото, мајката и нивните три дечиња – не само што се подготвуваат за празникот и ја раскажуваат приказната за раѓањето на Исус, туку и примаат неочекувани гости: две мали верверички што се изгубиле во шумата. Преку нивната заедничка приказна, ликовите учат како да бидат мудри, внимателни и како да ги отворат срцата за добрината и грижата за другите.

Оваа сликовница на нежен и поетичен начин им се обраќа и на најмладите и на возрасните читатели, нудејќи топла, зимска прегратка во која дури и најголемите чуда стануваат можни. Делото, иако тематски врзано за Божиќ, пренесува пораки што ја надминуваат сезонската рамка и остануваат релевантни во текот на целата година.

Со објавувањето на оваа книга на македонски јазик, нашата читателска публика добива можност да се запознае со современата украинска книжевност за деца, како и со авторски гласови кои имаат значајно место во културниот простор на оваа земја. Изданието претставува и чин на културна размена и поддршка, нагласувајќи ја важноста на литературата како мост меѓу различни јазици и култури.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Програмата за поддршка на преводи „Translate Ukraine“.

Авторката Надијка Гербиш (1987) е украинска писателка, преведувачка, новинарка и фотографка. Дипломирала на Киевскиот национален лингвистички универзитет со специјалност по англиски јазик и книжевност. Предава во Тернополскиот колеџ на Универзитетот „Украина“, а притоа пишува и преведува книги и патува низ светот. Есеите, расказите и песните на Надијка Гербиш се објавувани во бројни весници, списанија, зборници и интернет-портали. Многу од нив имаат добиено награди на книжевни конкурси – меѓу нив е и победата на натпреварот „Божиќно чудо“ во 2009 година во категоријата „Кратка проза (за деца од 5 до 8 години)“, што претставува почеток на нејзината активна работа во областа на украинската книжевност за деца. Гербиш се интересира за музика и фотографија, пишува поезија за деца и проза за возрасни, и е активна блогерка и патувачка. Има ќерка по име Богдана.

Илустраторката Јулија Пилипчатина (1994) основно и средно образование завршила во Толјати (Русија), каде што се стекнала со диплома за наставник по историја, иако никогаш не работела во таа професија. По враќањето во Украина, се населила во Харков и од 2014 година станала активен дел од кругот на илустратори на книги за деца. Соработува со водечки украински издавачки куќи. Во последните години се занимава и со керамика, изработувајќи чинии и плочки што ги слика. Во слободно време се грижи за своите кучиња и чита поезија.

Преведувачката Вера Чорниј-Мешкова (1963) е поетеса и лекторка по украински јазик. Родена е во Инѓија, Србија. Дипломирала економија во Скопје и украински јазик и книжевност во Киев, каде што магистрирала и моментално е докторанд. Во 2013/2014 година ја основа првата школа по украински јазик во Македонија, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Авторка е на поетски книги на македонски, украински и есперанто, а има преведено значајни дела од и на украински, македонски и руски јазик. Објавила научни трудови и е коавтор на украинско-македонски речници. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на Националниот сојуз на писатели на Украина. Добитничка е на повеќе меѓународни награди и одликувања, меѓу кои и Орден на принцезата Олга (III степен), доделен со указ на Претседателот на Украина, известија од „Антолог“.

„ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ е книжевен проект кој опфаќа превод, издавање, дистрибуција и промоција на висококвалитетни книжевни дела, со посебен фокус на помалку користени европски јазици, жанровска разновидност, како и современи, ангажирани авторски гласови.

Проектот е целосно усогласен со приоритетите на Европската Унија за културна разновидност, инклузија, родова еднаквост, еколошка свест, дигитализација и зелен развој, при што поврзаноста со природата е клучна концептуална и програмска оска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 317, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот