„Антолог“ ја објави книгата „Вознемирени луѓе“ од Фредрик Бакман

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“, ја објави книгата „Вознемирени луѓе“ од шведскиот автор Фредрик Бакман. Станува збор за апсурдна комедија со заложничка драма што се случува среде презентација на стан за продажба. Полна хумор и емпатија, книгата носи конструирана приказна за трајната моќ на пријателството, простувањето и надежта – нештата што нè спасуваат дури и во немирни времиња.

Македонското издание на книгата oбединува два јубилеја. Го носи редниот број 300 во едицијата „Бранови“, а „Вознемирени луѓе“ излегува истовремено и со јубилејниот четириесетти роденден на Фредрик Бакман, како своевидна честитка за него од македонскиот издавач, за што и авторот упатил посебна благодарност. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура на РСМ.

Фредрик Бакман (1981) е шведски писател, блогер и колумнист. Неговите книги се продадени во милионски тиражи низ целиот свет, со што станал еден од најпопуларните писатели за сите генерации читатели. Пишува романи проткаени со оригинален хумор и со искрена човечка трогателност. Преведен е во повеќе од четириесет држави. Живее и работи во Стокхолм, со својата сопруга и со двете деца.

Во изданието на „Вознемирени луѓе“ на македонски јазик преводот од шведски е дело на Ивица Челиковиќ, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Преведувачот Ивица Челиковиќ (1962, Скопје) е поет, раскажувач и преведувач. Автор е на десетина авторски дела, поетски збирки и романи. Преведува шведска литература на македонски и досега превел четириесетина дела од познати шведски писатели, а превел и еден роман од норвешки од Кирсти Блум.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 83, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот