Антиразгледници: „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов

Книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов содржи осумдесетина микрораскази, куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје. Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа во изминативе години.

Средишно место во книгата, објавена од „Или-Или“, заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците.

– Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“. Зад квазибарокните архитектонски кулиси, предимензионираните милитантни споменици, покриени од вревата на славната квазиисторија – живеат луѓе, чиишто мали драми испреплетени со тајните на градот се многу поважни! Всушност, малите приказни се оние што го прават градот жив, вибрантен и возбудлив. Токму за нив зборува, или се обидува да зборува книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“, прецизира авторот.

Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја доби наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од застава 750“ (2019). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 29, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 1-3 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот