Антимакедонски вампиризам

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Бугарската антимакедонска пропаганда е вампир и вистинското прашање е како тој да се упокои. Всушност, Македонците немаат трета можност. Или ќе му го прободат срцето со колец или наскоро ќе им биде испиена сета македонска национална свест.

Веќе е јасно, се води една специјална војна против Македонија и Македонците. Во неа се користат низа хибридни алатки – од агресивна дипломатска офанзива, преку информационен и психолошко-национален притисок, до инфилтрација и дејствување на разгранета агентурно-разузнавачка мрежа од платеници. Се настојува да се создаде антимакедонска псевдореалност во медиумскиот простор и во виртуелното пространство со цел да се генерира туѓородна национална перцепцијата кај луѓето македонски. Се знае, крајната цел е бугаризирање на македонското население и, во поволни услови, анектирање на дел од територијата на денешната македонска држава.

Историјата, односно нарацијата за минатото, игра клучна улога во оваа антимакедонска специјална војна. Затоа, во политичко-дипломатското „преговарање“ се настојува, под закана и уцена, да се „промени историјата“. А тоа, попатно кажано, секојдневно го обновува чувството за загрозеност на македонскиот идентитет и внесува траен сомнеж во националната посебност. Фрапирачки е што многумина самопрогласени „патриоти“ веќе се претворени во одродени врховисти, поради вирулентното заразување со антикомунистичкиот и антимакедонски отров од бугарофашизоидните вампири. Тие врховистички слабокрвници, во своето упорно блебетење за непостоење на македонската нација и македонската национална историја, го занемаруваат круцијалниот факт дека веќе осумдесет години постои македонска држава со сите нејзини атрибути и институции, важни токму за идентитетските обележја. Како што ги забораваат и повеќе од стотина години македонистичките записи на Пулески и Мисирков, на пример.

Овие скудоумни вампири настојуваат, со своите злобни и лажливи јазичишта, да втурнат во пропаст една целосно изградена нација како што е македонската. Всушност, прифаќањето на историски претстави за нас самите и за нашето минато, од визура на нашите цинични и малициозни соседи, може единствено да се нарече антимакедонски вампиризам и не значи ништо друго, туку обид да се одржат во живот веќе излитените и полумртви антимакедонски парадигми, за да се искористат во нова денационализиција на Македонците.

Бугарската, стара, националшовинистичка плоча и денес неуморно се врти и ги повторува истите ветви тези кои смрдат на фашизам и милитаризам. Таа, како и во минатото, се темели врз егзархиската традиција и врз купишта лаги и измислици. Врз религиозното credo quia absurdum. За оваа пропаганда цел е – антимакедонизмот, а не вистината. А, таа си создава свои „вистини“. И во минатото, таа продуцираше „вистини“, на истиот начин, како што ги создава и денес: по нарачка, преку „творечка“ работа на платени „пропагандисти“ и националшовинисти и со нивно неуморно преповторување во јавниот простор.

Ете, како историска паралела и потврда за ова, може да послужи еден инсерт од пред точно осумдесет години: Есента четириесет и третата година, тогашните регенти и тогашниот премиер Добри Божилов, решиле, во земјата и во странство, да се преземе акција за промовирање бугарските национални барања, кои треба да бидат разгледани при идните мировни преговори. Покрај тоа, беше одлучено да се подготви и да се спроведе план за изготвување и за објавување брошури, книги и други публикации потребни за докажување на исправноста на бугарските националстичкo-експанзионистички позиции. Во врска со ова, набрзо, министерот за надворешни работи ги повика професорите Генов, Владикин и Дујчев и амбасадорот Симеон Радев и ги задолжи со задача, веднаш да организираат широка кампања преку печатот и радиото, со која ќе се објаснува „што следи Бугарија со своето учество во денешниот вооружен конфликт“ и ќе се докажува „дека бугарскиот народ бара само обединување на земјите што му припаѓаат и нема освојувачки и империјалистички намери“.

Бугарскиот историски националшовинизам не стигна да ги исцрпи сите можности во правецот во кој беше тргна, не успеа да ги ослободи сите, па дури и своите најстрашни антимакедонски и нацифашистички зли сили, затоа што беше насилно спречен со победата на антифашизмот. Но затоа, тој во сегашноста се враќа по евентуална реализација на своите ускратени санстефански вампирски фантазмагории. Се враќа кон лудачко продолжение на својата милитаристичко-пропагандна експанзија од пред повеќе од половина век. Станува сосема очигледно дека на деветти септември во четириесет и четвртата година од дваесеттиот век не беше скината животната жила на бугарофашистичкиот вампир, на таа рожба од бугарскиот националшовинистички и антимакедонски санстефански сентимент, та затоа ние денес, имаме уште еден, нов бугарски фашизам, од кого мораме да се браниме и со кого мораме да се бориме. Бугарскиот и македоно-врховистичкиот ревизионизам, впрочем, смета дека цар Борис и неговите слуги низ Македонија не ни биле победени од македонските национално-ослободителни партизански одреди предводени од генерал Апостолски, туку биле оневозможени во сигурната победа од страна на србокомунистите, советско-болшевичките орди и англо-американските ционисти, кои се осојузиле и ја уништиле „прекрасната“ Хитлерова Европа и „обединетата“ Царборисовска Бугарија во неа. Глупости и лаги, без мера.

Ревизионизмот, политички и историографски, денес бара алиби, бара уште еден нов Версајски изговор, бара комплетно ревидирање на договорот од Јалта, бара оправдувања за повторно започнатата „крстоносна антикомунистичка војна“ и за исцртаните нови граници во Европа и светот. Ги нема Чехословачка, Советскиот Сојуз, СФР Југославија…, а се формираа десетици нови држави: Естонија, Летонија, Латвија, Украина, Белорусија, Молдавија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија. Случајно или не, сите треба да се замислиме, а најмногу денешните државници од некогашните антифашистички земји, на најочигледниот факт – актуелната политичката карта на Европа, речиси целосно, се поклопува со исцртаните политички граници од Мусолини и Хитлер. Се чини дека Европа ќе треба сета грандиозна несреќа од пред осумдесетина години, порано или подоцна, да ја преповтори од почеток. Исто како што повторуваат лошите ученици.

Бугарската антимакедонска пропаганда е вампир и вистинското прашање е како тој да се упокои. Всушност, Македонците немаат трета можност. Или ќе му го прободат срцето со колец или наскоро ќе им биде испиена сета македонска национална свест. А, за да се постигне тоа, мора сериозно да се започне со екскретирање на отровниот дух на големобугарските историографски и национални пасквили од нашите животи. Инаку, ќе се самоодродиме и ќе се претвориме во нешто што не сме. Метафорички кажано, ќе повампириме. А, со тоа ќе бидеме вратени во времето на преддржавноста, во времето на националната и човечка ништожност.

(Авторот е историчар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот