Антикорупциска отворила предмет за „тајните хонорарци“ на Владата

Билјана Ивановска ДКСК/ Фото: МИА

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, за време на гостувањето на ТВ Алфа рече дека отвориле предмет во врска со владините хонорарци чии имиња не се обелоденети. Антикорупциска ќе ги бара и имињата на „тајните хонорарци“.

Сите исплати од буџетски средства, нагласи таа, треба да бидат јавни бидејќи буџетот се полни од јавни давачки. Според неа, многу е погрешно да се крие намената и на кого е извршена исплатата.

„Од она што добивме досега како информации забележавме дека сите исплати се извршени преку Агенција за авторски права. Се поставува прашањето дали толку многу авторски дела и требаа на Владата, од една страна, од друга страна дали анализите се авторско дело бидејќи во Законот за авторски права не стои дека анализите се авторско дело, стои пишани документи, но тоа е широк поим. Самиот Закон за авторски права кажува дека авторското дело треба да добие јавност. Според мене не само што требало да бидат кажани лицата, туку требало и самите авторски дела да бидат достапни“,рече Ивановска.

Таа потсети и дека препораките на ГРЕКО се за да се олесни пристапот и потранспарентно да објавуваат јавни информации, за сите луѓе ангажирани во Владата по кој било основ.

Нејзин став е и дека Државниот завод за ревизија треба да направи секоја година финансиска ревизија на Владата.

Следната недела, според најавите од Ивановска, Антикорупциска ќе разгледува и други актуелни случаи, меѓу кои и за Драги Рашковски и набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од „Инвока гроуп“, и „Леонардо“ кој исто така е поврзан со Рашковски, а е во врска со набавка во М-НАВ.

Исто така, ќе се разгледува и предметот „Двојник“ за случајот со издавањето пасоши во МВР на странски државјани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот