Антикорупциска: Не постои судир на интереси со именувањето на Дескоска како член на Венецијанската комисија

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ги оцени како неосновани наводите во претставката од политичка партија и по допрен глас од медиумите за постоење или непостоење судир на интереси на министерката за правда Рената Дескоска како претставник на Венецијанската комисија.

Во претставката од политичката партија, како што наведе на денешната седница претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, стои дека во членот 2 од статутот на Венецијанската комисија се потенцира дека членовите треба да бидат независни, експерти, како и забрана да примаат било какви инструкции однадвор мислејќи на државите од кои се именувани.

– Тие сметаат дека со именувањето на Дескоска за член на Венецијанската комисија се прави нелогично решение кое продуцира состојба на судир на интереси од повисок аспект, понатаму велат дека како министер за правда спроведувајќи ја владината политичка агенда, таа непсоредно е предлагач на законски решенија за некои од законските решенија се иницирани или ќе се иницираат постапки пред Венецијанската комисија што значи дека таа истовремено е политички претставник кој предлага законски решенија, но и независен експерт кој треба да ги оценува нерзависно и непристрасно таквите решенија. Тоа се наодите на подносителот на претставката, дополни Ивановска.

За таа цел ДКСК до Владата преку Канцеларијата на претседателот на Владата до Генералниот секретар проследиле Барање за доставување на податоци и информации и потребна документација, во врска со процедурата и начинот за номинирање на претставник на РСМ во Венецијанската комисија при Советот на Европа, комплетна документација за номинирање, записник и стенограм од одржаната седница на Владата на РСМ каде е одлучено за наведената номинација и кои се надлежностите на претставникот на РСМ во Венецијанската комисија при Советот на Европа.

– Правилата на Венецијанската комисија содржани во статутот на комисијата, како основачки акт, не пропишуваат кој орган на државите членки треба да го номинира членот на соодветната држава ниту постапка на номинирање, поради што за ова се применуваат општите правила на меѓународното јавно право за меѓународни организации, кои пак дозволуваат Владите на државите членки да одлучат како ќе го определат членот што ќе биде номиниран. Значи оставено е Владите да одлучат, појасни претседателката на ДКСК.

Оттука, дополни таа, во досегашната практика различно се постапувало.

– Првпат постапка во која Владата номинира член на Венецијанската комисија е во 2016 година кога на 135 седница одржана на 5 јануари 2016 година избрана е Тања Каракамишева Јовановска. Претходните номинации ги вршела Мисијата на Советот на Европа по претходен допис од Министерството за надворешни работи, вели Ивановска.

Таа појасни дека на 172-рата седница одржана на 24 декември 2019, претседателот на Владата Зоран Заев предложил номинација на претставник во Венецијанската комисија. Од Записникот и стенографските белешки ДКСК утврдила дека министерката за правда не била вклучена ниту во предлагањето ниту во одлучувањето по предлогот.

– Според правилата на Венецијанската комисија како независно советодавно тело на Советот на Европа, Комисијата е составена од независни експерти кои се истакнале со своето искуство во демократските институции или преку својот придонес во унапредување на правото и политичките науки. Од досегашната пракса за членови на истата, најчесто се бирани независни експерти, професори по право, судии на Уставен на суд или Врховен суд, а некои земји номинираат пратеници или министри, вели Ивановска.

Таа додава дека во членот 3-а од Деловникот на Венецијанската комисија стои дека членот постапува на независен, непристрасен и објективен начин, и се должни да го известат претседателот преку Секретаријатот за секој потенцијален судир на интерес, т.е. за било какви околности кои можат да влијаат на нивното непристрасно и објективно размислување.

– Она што е најважно, според правилата на Советот на Европа и Венецијанската комисија, членовите не ја претставуваат ниту земјата, ниту институцијата во која работат, туку делуваат исклучиво во свое име, а согласно правилата за спречување судир на интереси, не учествуваат во расправата и одлучувањето за прашања кои се однесуваат на државата од која се номинирани, заклучи претседателката на ДКСК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот