Антикорупциска бара, Владата не дава да се донесе Закон за потекло на имот

Фото: МИА

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е единствената институција во Република Северна Македонија која има законска обврска да ја истражува имотната состојба на избраните и именуваните функционери. Во согласност со законот, избраните и именуваните функционери пред да започнат со вршење на функцијата мора да пополнат анкетен лист во кој ќе ја наведат својата вистинска имотна состојба.

Доколку ДКСК при проверка на анкетниот лист утврди дека функционерите навеле состојба која не соодветствува со реалната, тогаш може да поведе прекршочна постапка. Честопати избраните и именувани функционери, имотот стекнат за време на мандатот го ставаат на туѓо име, на член од семејството или пријател, а по завршувањето на мандатот го впишуваат на свое име. Според сегашниот закон, ДКСК нема право да ја следи имотната состојба на избраните и именувани функционери по завршувањето на мандатот. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска вели дека постои реална потреба од донесување на закон за потекло на имотот, како дополнителна алатка во борбата за спречување на корупцијата.

– Тоа е најголемиот проблем што сега можеме да го истакнеме. Значи, се врши дисперзија на имотот на некои други блиски роднини во фамилијата, дури и не мора да се блиски како семејство, може да се блиски пријатели. Затоа ние како Комисија сме согласни и едногласни да бараме од новиот парламент да смогне сили или политичка волја, и да донесе Закон за потекло на имотот на сите граѓани. Дури тогаш ќе имаме темелна слика за тоа каде е имотот и кој располага со него. Тоа може да се направи и ќе биде голем чекор напред за сите, за нашата држава – вели Ивановска.

Ветувања има, нема предлог-закон

За нов Закон за потекло на имот на функционерите, политичарите и нивните семејства, досега има ветување и од власта и од опозицијата. Но, засега ниту една од двете страни не поднела предлог-закон. Од СДСМ велат дека прочистувањето на правосудството и проверката на потеклото на парите и имотот на секој функционер ќе биде нивен приоритет, а пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е со став дека ќе поднесат нов Закон за потекло на имот на функционерите и политичарите.
Треба да се направи сериозна анализа на законската рамка и на праксата за да може да се дојде до заклучок дали има потреба од промена на Законот за спречување корупција и дали има потреба од нов закон, смета министерот за правда Бојан Маричиќ во однос на утврдувањето на потеклото на имот на функционерите.

– Мислам дека сегашната законска рамка дава простор да се испитува потеклото на имот. Има одредба во Законот за спречување корупција според која постои можност таму каде што има основано сомнение дека имотот на лицето, кое е должно да поднесе изјава за состојба на имотот, доколку е несразмерно со неговите примања, ДКСК да поднесе иницијатива за испитување на потеклото на имотот и доколку тој имот или тие приходи кои се оданочени не одговараат на пријавената или согледаната состојба, против лицето или против функционерот да се покрене кривична пријава пред надлежното јавно обвинителство – смета министерот за правда.

Законот е добредојден во борбата против корупцијата

Професорот по кривично право, Никола Стојановски вели дека многу од нашите соседи веќе имаат ваков закон, а дека тој не само што е добредојден во борбата против корупцијата, туку е и потребен доколку навистина власта, сегашна или идна, се стреми кон правично општесто и кон европските стандарди.

– Идниот закон за потекло на имотот треба многу јасно и децидно да ги опфати не само избраните и именувани функционери, туку и граѓаните. Треба да биде алатка која на ДКСК ќе ѝ овоможи во одреден случај штом открие неправилност во некој анкетен лист, низ институциите на системот како што се УЈП, Катастарот, банкарските листинзи и финансиското разузнавање да се изврши детална проверка на приливот и одливот на средствата на маркираниот граѓанин. Штом се утврди дека постои отстапување, новиот закон мора да предвидува ДКСК да поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против тој субјект. Со актуелните законски мерки, на ДКСК ѝ е оставено само да открива незаконитости, да поднесува прекршочни пријави од 400 до 2.000 евра, а посочениот лик кој сторил прекршок ако сака ќе плати, ако не, ќе го оспори пред надлежен основен суд и предметот ќе се влече низ судските лавиринти се додека не застари, а позитивен исход од истиот е чиста нула. Се ќе се смени ако актуелната влада одобри закон во кој за незаконски стекнат имот и финансии ќе се одговара кривично, со затвор – вели Стојановски.

Во изминативе години јавноста во земјава беше сведок на енормни и брзи збогатувања на јавни функционери, а за ниту еден од нив не е започната постапка за проверка на сѐ што имал пред да стане функционер, што стекнал во тој период и што има откако му завршила функцијата, вели адвокатката Весна Николовска, која долги години застапува клиенти во кривично-правни процеси.
– Никој не е кривично гонет. Така е веќе 30 години. Мора да се стави точка на незаконитоста и бескрајното незаконско богатење на избраните и именувани функционери – нагласува Николовска.
ДКСК, според неа, за секоја утврдена незаконитост треба да ја извести јавноста зашто само на таков начин ќе може да ги раздвижи инертните сили во Обвинителството.

– Значи потребен е закон кој ќе ги „отрезнува“ функционерите и ќе им „дише во врат“ кога ќе помислат да се збогатат незаконски – заклучува Николовска.

Досегашните искуства во светот покажуваат дека не постои еднообразност во пристапот, односно во регулирањето на прашањето на потеклото на имотот. Некаде тоа е опфатено со повеќе закони, а во некои држави постојат посебни закони за потеклото на имотот. Сепак, она што е заедничко за повеќето држави вклучително и нашата држава, е тоа дека за да се спречи незаконското богатење, во секој правен систем се воведуваат механизми за контрола и проверка на имотот и приходите. Едновремено, ефикасноста на овие механизми зависи најмногу од политичката волја на оние кои се на власт, како и од капацитетите и интегритетот на институциите надлежни за проверка на потеклото на имотот и за санкционирање на незаконското стекнување имот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот