Антикорупциска отвори предмет за договорот за лиценците на Мајкрософт кои ги добила фирма блиска до премиерот Ковачевски

Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека оформиле предмет, по доставена анонимна пријава во која се наведува дека „генералниот секретаријат потпишал договор сo Microsoft за лиценци и сервиси во вредност од околу 26.000.000,00 евра“.
-Предметот, согласно со деловникот за работа на ДКСК, е распределен за работа и постапувањето по истиот е во тек, нагласува ДКСК.
Денеска портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Наум Стоилковски ја повика Антикорупциската комисија да отвори предмет во врска со набавка на лиценци од страна на Владата на Република Северна Македонија, со наведување дека „како е можно 40 милиони евра да се даваат за лиценци на фирма каде што доминира колега на премиерот“.
Стоилковски нагласи дека 10 дена чекаат ДКСК да пројави интересирање за овој предмет.
-Очекуваме ДКСК да се произнесе и за првиот и за вториот тендер за оваа фирма, односно зошто е направен тендер на 15 милиони евра, со намалени услови пред 3 години? И веднаш потоа, по неполни 3 години, за истите услуги, 25 милиони евра, односно 10 милиони евра повеќе? Притоа, Ковачевски на Влада го минува истиот колега како Конзул на странска држава, што значи Владата сега набавува софтвери за Владата и за администрацијата од човек којшто застапува странски интереси? Очекуваме ДКСК да отвори предмет, и во најкус рок да се изјасни за скандалот! 40 милиони евра е сериозна сума, дури и за оваа криминална власт!, рече Стоилковски.
Стоилковски претходно посочи дека Марко Андонов, претседател на одборот на директори од Аитоникс и премиерот Димитар Ковачевски се колеги од приватен универзитет во Скопје.
-Како е можно Секретарот на Влада, да даде толкав тендер на колега на тогаш министер, а сега премиер, плус тоа сега и на странски дипломат? Владата во 2021 го прифаќа Андонов, колегата на Ковачевски, за дипломат, конзул на Грузија во Македонија и му отвора конзулат. Ваков тип на договори, односно лиценци за програми треба да овозможат и безбедност, а тоа се дава на странски дипломат?, праша Стоилковски минатата недела кога го отвори скандалот со набавката на лиценциран софтвер од Мајкрософт за потребите на Владата.
Од владејачката СДСМ реагираа дека станува збор за лаги и невистини кои ги пласира опозициската „ДПМНЕ“ за набавката на софтверски лиценци од реноминаран производител, преку законска постапка, за потребите на државните институции.
-Опозицијата смета дека лиценцирањето на софтверот на органите и институциите во склоп на Владата е непотребно, односно ДПМНЕ смета дека е сосема во ред во државните институции да се употребува пиратски софтвер. Веројатно не знаат дека според Законот за интелектуална сопственост, секој корисник на софтвер,е обврзан да користи лиценциран софтвер, а доколку користи нелиценциран, односно пиратски софтвер, одговара кривично. Очигледно Мицкоски смета, дека ние треба да сме единствената држава, за која е оправдано да “краде” софтвери, да не ги лиценцира и да го става под ризик целокупното функционриање на владините органи и институции, реагира СДСМ.
Според нив набавката на уредно лиценциран софтвер е подобро отколку користење на пиратски софтвер, зошто спротивното за нив е криминал.